Новата алатка се нарекува ХОДИО, што е акроним на шпански за „Отпечаток на омраза и поларизирање “ и ќе ѝ овозможи на владата систематски да го следи присуството, ширењето и влијанието на говорот на омраза на социјалните мрежи во Шпанија.
„Омразата е опасна и преку социјалните мрежи предизвика поделби во општеството“, кажа Санчез на Првиот меѓународен форум против омраза, кој ги собра специјалистите и засегнатите лица во Мадрид за да ги разгледаат ефектите на омразата и дигиталното вознемирување врз човековото достоинство.
Премиерот истакна дека злосторствата од омраза во Шпанија се зголемиле за 41 процент во последните десет години. „Сакаме да почнеме да зборуваме за влијанието на омразата. Кога нешто се мери, тоа престанува да биде невидливо“, кажа тој.
Новата платформа ХОДИО ќе се базира на академски критериуми и ќе „комбинира квантитативна анализа и експертски преглед“ со цел да обезбеди веродостојни резултати. Резултатите ќе бидат јавно објавени, за граѓаните да можат да видат „кој блокира содржини на омраза, кој гледа на другата страна и кој профитира од тоа“, кажа Санчез.
Минатиот месец Шпанија објави поширок план за регулирање на социјалните мрежи, вклучително и забрана за нивно користење од страна на лица под 16 години и отворање кривични постапки против директорите на платформите кои објавуваат нелегална содржина или содржина со говор на омраза. „Дигиталната средина не може да биде простор без правила“, порача Санчез.






