„Не дозволуваме ниту користење на воени бази ниту користење на воздушниот простор за активности поврзани со војната во Иран“, им изјави таа на новинарите во Мадрид, пренесе Ројтерс.
Шпанскиот весник Ел Паис прв ја објави веста денеска, повикувајќи се на воени извори.
Затворањето на воздушниот простор ги принудува воените авиони да ја заобиколуваат членката на НАТО, Шпанија, на пат кон своите цели на Блискиот Исток, но не важи за итни ситуации, додава Ел Паис.
„Оваа одлука е дел од веќе донесената одлука на шпанската влада да не учествува и да не придонесува кон војна што беше започната еднострано и спротивно на меѓународното право“, изјави министерот за економија Карлос Куерпо во интервју за радиото Кадена Сер, одговарајќи на прашањето дали затворањето на воздушниот простор може да ги влоши односите со САД.
Премиерот Педро Санчез е еден од најгласните противници на американските и израелските напади врз Иран, оценувајќи ги како непромислени и незаконски.
Претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе ја прекине трговијата со Мадрид поради одбивањето на Шпанија да им дозволи на САД користење на нејзините бази во војната.






