петок, 26 декември 2025

Шмит до Советот за безбедност на ОН: БиХ е на крстопат

Високиот претставник на меѓународната заедница за Босна и Херцеговина го извести Советот за безбедност на Обединетите Нации дека таа земја не го искористила замавот кој на почетокот на годината бил постигнат на патот на европските интеграции па сега доцни по останатите држави од регионот, додека истовремено се соочува со добро познатите предизвици како закани за отцепување.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тоа е наведено во најновиот редовен шестмесечен извештај кој високите претставници од 1996 го испраќаат во Обединетите нации. Извештај треба да биде тема на расправата на седницата на Советот за безбедност во ноември.

Канцеларијата на високиот претставник (ОХР) сè уште не го објавила извештајот, но дел од неговата содржина пренесоа медиумите во БиХ, истакнувајќи дека Шмит политичката ситуација во земјата ја гледа како „хаотична“ бидејќи ЕУ силно влијае на процесот на европските интеграции, но БиХ не е во состојба тоа да го искористи главно поради однесувањето на нејзините политичари.

Со тоа очигледно алудира на фактот што од март, кога Европскиот совет одобри отворање на пристапните преговори со БиХ, во таа земја поради политички судири изостана спроведувањето на понатамошните реформи, а сите партии се фокусираа на кампањата за локалните избори спроведени на 6 октомври.

Се предупредува дека БиХ досега не презела никакви чекори за да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права со кои е утврдена дискриминација на граѓаните во изборниот процес.

Шмит во извештајот до Советот за безбедност ги истакнува „континуираните обиди“ за „поткопување на Дејтонскиот договор“, за што како најодговорни ги прозива властите на Република Српска, односно нејзиниот претседател Милорад Додик.

„Тоа вклучува закани и провоцирачка реторика, но и дејства со кои се поткопува мојот кредибилитет како висок претставник, а со тоа и способноста да го спроведам мојот мандат. Со ваквите постапки директно се крши Анексот 10 на Дејтонскиот договор кој наложува целосна соработка на страните во договор со високиот претставник“, се наведува во извештајот.

Целосното почитување на Дејтонскиот договор и процесот на европските интеграции Шмит ги гледа како процеси кои се надополнуваат и единствени можат да обезбедат трајна стабилност на БиХ.

„Босна и Херцеговина е на крстопат да ја искористи или изгуби приликата која се претставува во форма на кандидатурата за ЕУ“, заклучува Шмит.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ