Случајот почна со откривање три тела во планинарски дом во близина на превојот Петрохан. Жртвите биле пронајдени застрелани внатре во објектот, што веднаш предизвика обемна полициска истрага и ангажирање на специјализирани екипи.
Неколку дена подоцна, истражителите дојдоа до второ морничаво откритие: уште три тела, сите со прострелни рани, беа пронајдени во кампер-комбе во близина на врвот Околчица на Балкан Планина. Меѓу жртвите се 15-годишниот Николај Златков и Ивајло Калушев — лице што претходно било барано во врска со убиствата кај Петрохан.
„Ова е злосторство без преседан“, изјави Захари Васков, директор на Националната полиција на Бугарија. Според првичните наоди, истрелите во кампер-комбето биле испукани од внатрешноста на возилото, без траги што би укажувале на пукање однадвор. Властите разгледуваат повеќе сценарија, вклучително и убиство-самоубиство, но нагласуваат дека е прерано за конечни заклучоци.
На двете локации било пронајдено оружје, но официјалните лица одбија да откријат детали. Полицијата потврди дека кампер-комбето било пријавено за исчезнато и дека по првичните убиства било следено како се движи низ пошироко подрачје на Балкан Планина, во обид да се реконструира редоследот на настаните, пренесе БГНЕС.
Според бугарските медиуми, по пронаоѓањето на трите тела кај Петрохан, полицијата веднаш распишала потерница за тројца осомничени — двајца млади лица, меѓу кои и 15-годишно момче, како и Ивајло Калушев. Калушев бил сопственик на викендичката и директор на локална еколошка невладина организација, која, според извори, имала силно влијание врз своите членови, при што дел од нив се повлекле од контакт со надворешниот свет.
Некои бугарски извори го опишуваат Калушев како радикален еко-активист и доминантен лидер, со строга идеолошка поставеност што, според нив, довела до формирање затворени групи со ограничени контакти со околината, пишува Факти.бг.
Криминалистот и поранешен директор на државниот интерен оддел Валери Јорданов изјави дека не треба да се шпекулира за вмешаност на мафија или надворешни криминални структури. Според него, деталите укажуваат дека сторителите најверојатно ги познавале жртвите и имале пристап до нивниот „заштитен“ простор, што ја засилува верзијата за внатрешна групна динамика, наведува Факти.бг.
Истражителите посочуваат дека карактерот на настаните — затворена заедница, ограничени надворешни контакти и интензивни внатрешни односи — упатува на можен култен или супкултурен елемент, иако засега нема докази за постоење на формален култ. Сите сценарија остануваат отворени, а конечните заклучоци ќе следат по завршувањето на балистичките, судско-медицинските и психолошките вештачења.






