среда, 18 март 2026

Шефовите на дипломатиите на Германија и Франција оценија дека е време за проширување на ЕУ

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул и неговиот француски колега Жан-Ноел Баро оценија во Берлин дека е време Европската Унија да преземе нови чекори во насока на проширување, објавија германските медиуми.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Баро кажа дека Европа, наместо да трча со наведната глава низ новиот светски поредок, има потреба од поголема самодоверба и нагласи дека денес повеќе земји сакаат да се приклучат кон ЕУ од кога било досега.

Тој кажа дека земјите од Западен Балкан долго време чекаат прием во ЕУ, а додаде дека и Британија размислува за враќање во Унијата и дека тој „ќе ја пречека со раширени раце“.

„И можеби еден ден и Канада ќе се приклучи“, кажа францускиот министер на конференцијата „Европа 2026“, која по шести пат ја организираат неколку влијателни германски дневни весници.

„Ова е моментот за проширување на Европската Унија“, кажа Вадефул, кој го надополни Бароу со наведување на Исланд и Норвешка како кандидати за членство, додавајќи дека е отворен и за прием на Канада.

Министрите се согласија дека сегашната криза околу војната во Иран, како и претходната криза околу американските претензии кон Гренланд, ја зајакнаа политичката волја во ЕУ за преземање нови чекори за интеграција.

„Понекогаш посебните ситуации создаваат нова идеја за тоа како изгледа Европа“, кажа Вадефул. Тој, алудирајќи на заканите на американскиот претседател Доналд Трамп во врска со Арктикот, порача: „Ќе го браниме нашиот суверенитет“.

Во разговорот, кој беше организиран вчера попладне на конференција во Берлин, Вадефул и Баро ја нагласија важноста на функционалните односи меѓу Берлин и Париз, така што Европа, според Баро, ќе стане „трета суперсила“ во свет каде што постои системска конкуренција меѓу САД и Кина.

Дводневната конференција „Европа 2026“ започна вчера, организирана од дневните весници Цајт, Тагесшпигел, Ханделсблат и неделникот Виртшафтсвохе.

На него учествуваат повеќе од 60 високи функционери од политиката и бизнисот, меѓу кои и претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола, европските комесари Марија Луиза Албукерке, Андриус ​​Кубилиус, Магнус Брунер, Оливер Вахељ и други.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ