четврток, 26 февруари 2026

Шефот на унгарската дипломатија: Украина во замена за нафтата бара оружје и пари

Украинското Министерство за надворешни работи ги негираше тврдењата на шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарт дека Киев бара „пари и оружје“ во замена за повторно воспоставување на протокот на нафта преку нафтоводот Дружба. Портпаролот на министерството изјави дека Сијарто целосно ја искривил содржината на средбата со унгарскиот дипломат во Киев.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Унгарскиот министер за надворешни работи претходно објави видео на Фејсбук во кое тврди дека украинското министерство го поканило унгарскиот претставник на разговор. Според него, за време на средбата украинските претставници јасно ставиле до знаење дека за продолжување на снабдувањето со нафта во Унгарија преку нафтоводот Дружба тие бараат оружје и пари за возврат.

Сијарто веројатно алудира на заемот од Европската Унија за Украина во износ од 90 милијарди евра, чие одобрување е блокирано од Будимпешта.

„Тие признаа дека нема физички или технички причини за запирање на транспортот, туку само политички причини. Тие јасно кажаа дека во замена за продолжување на снабдувањето со нафта во Унгарија, тие сакаат оружје и пари“, кажа Сијарто.

Портпаролот на украинското министерство Георгиј Тихиј изјави дека Сијарто шири лажни тези и целосно ја искривува содржината на состанокот со унгарскиот вршител на должноста амбасадор. Токму поради оваа причина унгарскиот дипломат повторно бил поканет на разговор, каде што наводно му било кажано дека таквото погрешно претставување на содржината на разговорот е неприфатливо.

„На состаноците во Министерството за надворешни работи немаше никакви индикации од украинската страна, а особено не дека „продолжувањето на снабдувањето со нафта на Унгарија преку нафтоводот Дружба е блокирано од политички причини“. Тема беа изјавите на премиерот (на Унгарија Виктор) Орбан за можни закани за клучната унгарска енергетска инфраструктура“, тврди Тихиј.

Тој додаде дека на Унгарија, меѓу другото, ѝ било порачано дека Украина е подготвена да обезбеди помош во заштитата на нејзините објекти.

На 26 февруари унгарскиот премиер Виктор Орбан во отворено писмо до претседателот Володимир Зеленски го обвини украинскиот лидер дека дејствува против интересите на Унгарија. Еден ден претходно Орбан тврдеше дека постои „украинска закана“ за унгарскиот енергетски систем и најави распоредување на армијата за заштита на енергетската инфраструктура.

Унгарија го блокираше заемот од ЕУ од 90 милијарди евра за Украина со тоа што одби да гласа за еден од трите правни акти одобрени од Европскиот парламент, кои се неопходни за исплата на средствата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ