Сијарто кажа дека „спречениот терористички напад во Војводина се вклопува во шемата на украинската активност“.
Според него, Украинците претходно го дигнаа во воздух гасоводот Северен тек, го блокираа гасоводот Дружба, со што ги запреа испораките на нафта во Унгарија и Словачка, а во последните недели, десетици беспилотни летала го нападнаа гасоводот Турски тек на руска територија.
„Тие сакаа да го дигнат во воздух Турски тек“, кажа Сијарто, нарекувајќи го тоа „многу груб напад врз нашиот суверенитет“.
Сепак, тој појасни дека не тврди директно дека Украинците поставиле експлозиви, туку дека овој чин се вклопува во низата акции со кои Украина сака да ги попречи испораките на руски гас и нафта.
„Ние ќе ја браниме Унгарија“, порача Сијарто. Тој најави дека унгарскиот дел од гасоводот „Турски тек“, кој ја снабдува земјата со природен гас, ќе биде ставен под воена заштита.
Тој прецизираше дека војската ќе го штити гасоводот на целиот дел од српско-унгарската граница до словачко-унгарската граница, оправдувајќи ја оваа мерка со фактот дека нападите стануваат сè почести.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ денес изјави дека два големи пакети експлозиви се пронајдени во близина на клучната гасна инфраструктура во областа на општината Кањижа во северна Војводина, посочувајќи дека српските вооружени сили денес успеале да спречат акција против виталните интереси на земјата.
„Пронајдоа два ранци, два големи пакети експлозиви со стапови. Имаме и некои други траги. Пред малку завршив со разговорот со унгарскиот претседател Виктор Орбан за оваа вест, бидејќи ако имаше прекин на гасот, Унгарија немаше да има гас, а ние на северот од Србија немаше да имаме гас“, изјави Вучиќ за новинарите.
Како што тврдеше, станува збор за експлозив со разорна моќ што може да предизвика голема штета, пренесува Танјуг.
„Ќе се справиме безмилосно со секој што ќе помисли да ја загрози виталната инфраструктура на Република Србија. Безмилосно“, нагласи Вучиќ.
Набрзо се појавија теории дека станува збор за лажен напад, извршен со цел унгарскиот премиер Виктор Орбан да ја зголеми својата поддршка пред парламентарните избори, кои се одржуваат за една недела.






