четврток, 8 јануари 2026

Шефот на унгарската дипломатија: Коалицијата на спремните ја приближува Европа кон директен конфликт со Русија

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто денес ги критикуваше европските планови за воспоставување воени бази во Украина, велејќи дека таквите потези „ја туркаат Европа поблиску“ кон директен конфликт со Русија.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Вчера во Париз, Коалицијата на спремните презентираше уште еден предлог кој ја доближува Европа до директен конфликт со Русија“, оцени Сијарто во објава на социјалната мрежа Икс.

Тој додаде дека Унгарија „ќе остане настрана од тоа“.

„Ние ги поддржуваме мировните преговори, вклучително и преговорите на највисоко ниво меѓу Соединетите Американски Држави и Русија, и решително го отфрламе овој последен чекор кон војна“, порача унгарскиот министер.

Британскиот премиер Кир Стармер, францускиот претседател Емануел Макрон и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа декларација за намери во Париз по завршувањето на таканаречениот самит на коалицијата на спремните во француската престолнина.

По разговорите со сојузниците на Киев, Британија и Франција објавија дека планираат да „воспостават воени центри низ цела Украина“.

Русија претходно предупреди дека ќе го смета распоредувањето на вооружени сили на други земји во Украина, под каков било изговор, за „апсолутно неприфатливо“ и дека таквиот потег ќе го протолкува како „подготовка за странска воена интервенција“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ