Во емотивна интервенција на годишното собрание на СЗО вчера, Тедрос Аданом Гебрејесус рече дека војната му штети на Израел и дека нема да донесе трајно решение.
„Можете да замислите како страдаат луѓето. Навистина е погрешно да се користи храната како оружје. Многу е погрешно да се користи медицински материјал како оружје.“
Обединетите нации вчера почнаа со дистрибуција на помош, која беше доставена со околу 90 камиони. Ова се првите испораки на помош за Газа откако Израел воведе целосна блокада на 2 март.
Тедрос рече дека само политичко решение може да донесе значаен мир.
„Повикот за мир е всушност во најдобар интерес на самиот Израел. Сметам дека војната е штетна за самиот Израел и нема да донесе трајно решение“, рече тој. „Ве молам, можете ли да имате милост? Добро е за вас и добро е за Палестинците. Добро е за човештвото.“
Извршниот директор на Програмата за итни здравствени случаи на СЗО Мајкл Рајан изјави дека 2,1 милиони луѓе во Газа се „во непосредна опасност од смрт“.
„Мора да го запреме гладот, мора да ги ослободиме сите заложници и мора да го снабдиме и да го вратиме здравствениот систем во функција“, рече тој. „Како поранешен заложник, мора да кажам дека сите заложници треба да бидат ослободени. Нивните семејства страдаат“, додаде тој.
СЗО изјави дека жителите на Газа страдаат од сериозен недостиг на храна, вода, медицински материјал, гориво и засолниште. Четири големи болници мораа да ги прекинат медицинските услуги минатата недела поради близината на конфликот или евакуациските зони и нападите.
Само 19 од 36 болници во Појасот Газа остануваат оперативни, а персоналот работи во „невозможни услови“, се вели во соопштението на здравствената агенција на ОН. „Најмалку 94 проценти од сите болници во Појасот Газа се оштетени или уништени“, се вели во него, додека северна Газа е „лишена од речиси секаква здравствена заштита“.
Се наведува дека на целата палестинска територија се достапни само 2.000 болнички кревети – бројка „крајно недоволна за задоволување на моменталните потреби“. „Уништувањето е систематско. Болниците се обновуваат и се снабдуваат со потребните средства, само за повторно да бидат изложени на непријателства или напади. Овој деструктивен циклус мора да престане.“