понеделник, 6 април 2026

Шефот на српските разузнавачи: Мигрант се обидел да го нападне гасоводот, експлозивот е од САД

Директорот на Српската воена безбедносна агенција (ВБА) Ѓуро Јованиќ на прес-конференција по повод откривањето експлозиви во близина на гасовод во Војводина изјави дека службите имале информации дека лице од мигрантска група ќе се обиде да ја саботира гасната инфраструктура.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Јованиќ додаде дека со месеци предупредувале за можноста од таква закана, но биле дочекани со скептицизам, пренесува РТС.

„Со месеци го предупредувавме врховниот командант, претседателот Александар Вучиќ, како и државното раководство, дека може да се случи нешто вакво. Да бидам искрен, наидовме на скептицизам, неодобрување и несогласување. Како во случајот кога моравме да презентираме релевантни индикатори дека гасната инфраструктура може да биде загрозена“, кажа Јованиќ.

Според него, државното раководство, кое се грижи за трошоците, истакна дека станува збор за исклучително скапи мерки кои бараат и голем напор за припадниците на армијата.

Тој истакна дека на акцијата ѝ претходела висококвалитетна оперативна работа на терен и добра размена на информации со другите служби.

„Имавме информации дека лице од група мигранти, воено способно, ќе се обиде да ја саботира гасната инфраструктура“, кажа Јованиќ.

„Тоа лице сигурно ќе биде приведено. Единственото прашање е дали истрагата ќе трае три дена или повеќе месеци“, додаде директорот на ВБА.

„Најдовме специјално спакувани експлозиви, херметички затворени, детонаторски капсули подготвени и спакувани за транспорт, како и детонаторска прачка и алатки и опрема за подготовка на експлозиви за диверзија. Ќе откријам еден детаљ од истрагата, според ознаките на експлозивите, може да се види дека се произведени во Соединетите Американски Држави“, кажа директорот на српска ВБА.

Надлежните служби претходно објавија дека станува збор за сериозен безбедносен инцидент кој може да има далекусежни последици за енергетската стабилност на Србија и регионот.

Обвинителката на Вишото јавно обвинителство во Суботица Младенка Манојловиќ изјави дека обвинителството го квалификувало случајот како кривично дело нелегално производство, носење и трговија со оружје и експлозивни материи во врска со кривично дело диверзија.

Претседателот Александар Вучиќ вчера ја објави акцијата на полицијата и српската армија во општина Кањижа.

„Пронајдени се два ранци и два големи пакети експлозив со стапови, а има и други траги“, кажа Вучиќ. Министерството за одбрана објави дека припадниците на безбедносните сили продолжуваат да работат на терен за да пронајдат дополнителни траги и да идентификуваат и гонат лица кои можеби се поврзани со настанот.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека Украинци би можеле да стојат зад обидот за кревање во воздух на гасоводот Турски тек на територијата на Србија. Сијарто ги изнесе овие тврдења по седницата на унгарскиот Совет за одбрана.

Набрзо се појавија теории дека станува збор за лажен напад, извршен со цел унгарскиот премиер Виктор Орбан да ја зголеми својата поддршка пред парламентарните избори, кои се одржуваат за една недела.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ