недела, 14 декември 2025

Шефот на полската дипломатија: Русија со дроновите тестираше ескалација без предизвикување војна

Министерот за надворешни работи на Полска Радослав Шикорски изјави за британските медиуми дека упадот на руски беспилотни летала во Полска во ноќта на 10 септември бил тест на Русија за ескалација против НАТО, но на таков начин што нема да предизвика војна.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за Гардијан, полскиот министер предупреди дека реакцијата на Полска би била многу поостра доколку имало човечки жртви.

„Беспилотните летала можеа да бидат вооружени, но не беа. Не ја достигнаа целта, беше направена мала материјална штета. Никој не беше повреден. Ако некој беше повреден во нападот или ако имаше смртни случаи, одговорот ќе беше многу поостар. Само најсилните средства за притисок функционираат против таков агресор и лажго како (рускиот претседател Владимир) Путин“, кажа Шикорски.

Полскиот министер категорично ги отфрли сугестиите на американскиот претседател Доналд Трамп дека руските беспилотни летала можеби заталкале и влегле во Полска по грешка.

„Можам да поверувам дека еден или два заталкале, но 19 грешки за една ноќ, за седум часа, жал ми е, но не верувам во тоа“, кажа полскиот министер.

Шикорски најави дека украински инструктори ќе обучуваат полски војници за борба против беспилотни летала бидејќи имаат подобра опрема против беспилотни летала и поголемо искуство во одбивањето на таков вид руски напад.

„Западот мора итно да го земе ова предвид во своето размислување – дека Украинците ќе нè обучуваат како да се спротивставиме на Русија, а не обратно“, кажа Шикорски и додаде дека обуката ќе се одржи во еден од центрите на НАТО во Полска.

Шикорски, кој беше во Киев, апелираше Украина да не добива гаранции што Западот нема да ги исполни подоцна, како што се безбедносни гаранции според моделот на колективната одбрана од член 5 од Договорот за НАТО, и Украина да остане надвор од западниот воен сојуз.

„Мислам дека тоа е малку веројатно. Бидејќи ако сакате да војувате со Русија, можете да го направите тоа (применувајќи го Член 5) токму сега, но не гледам луѓе кои се подготвени да го сторат тоа. Најлошото нешто во меѓународните односи се оние гаранции кои не се веродостојни“, оцени Шикорски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ