„Да бидам јасен, нема да учествуваме во никаков аранжман што не ги почитува целосно принципите на хуманост, непристрасност, независност и неутралност“, изјави Гутереш за новинарите. Никаква помош не е испорачана до палестинската енклава од околу 2,1 милиони луѓе од 2 март. Израел соопшти дека нема да дозволи никакви производи и залихи да влезат во Газа се додека палестинските милитанти на Хамас не ги ослободат сите преостанати заложници.
КОГАТ, израелската воена агенција која ја координира помошта, се состана со агенциите на ОН и меѓународните хуманитарни групи минатата недела и рече дека предложила структуриран механизам за следење и добивање помош во Газа.
„Механизмот е дизајниран да ги поддржува хуманитарните организации, да го подобри надзорот и одговорноста и да обезбеди помошта да стигне до цивилното население кое има потреба, наместо да биде пренасочена и украдена од Хамас“, објави КОГАТ завчера на платформата Икс.
Џонатан Витал, висок претставник на ОН за помош за Газа и Западниот Брег, минатата недела рече дека нема докази за пренасочување на помошта. Израел го продолжи бомбардирањето на Газа минатиот месец по двомесечното примирје и испрати војници назад во енклавата.
„Газа е поле за убивање и цивилите се во бесконечен циклус на смрт“, рече Гутереш, повторувајќи го својот повик за итно и безусловно ослободување на сите заложници, траен прекин на огнот и целосен хуманитарен пристап до Газа. Тој додаде дека испораката на ОН е оневозможена поради затворените премини во Газа и блокадата на помошта.
„Како окупаторска сила, Израел има недвосмислени обврски според меѓународното право, кое вклучува меѓународно хуманитарно право и меѓународна заштита на човековите права“, рече Гутереш. Тоа значи дека Израел треба да ги олесни програмите за помош и да обезбеди храна, медицинска нега, хигиена и стандарди за јавното здравје во Газа, рече тој. „Ништо од тоа не се случува денес“, нагласи тој.
Израел вели дека не врши ефективна контрола над Газа и затоа не е окупаторска сила. Војната во Газа започна на 7 октомври 2023 година, кога Хамас уби 1.200 луѓе во јужен Израел и зеде околу 250 заложници, според израелските податоци. Оттогаш, според здравствените власти во Газа, повеќе од 50.000 Палестинци се убиени.