Во својот говор денес во лондонската аналитичка група Четам хаус, тој предупреди дека „нема повеќе исток или запад“ со оглед на брзината и моќта на руските ракети. „Да не се лажеме, сите сме на источното крило. Нема исток или запад, постои само НАТО. Оддалеченоста помеѓу европските престолнини е само неколку минути“, кажа тој, мислејќи на брзината на руските ракети.
Тој истакна дека опасноста „нема да исчезне кога ќе заврши војната во Украина“, повикувајќи ги членовите на Алијансата да ги зголемат трошоците за одбрана. Тој ги повика земјите-членки да ги зголемат трошоците за воздушна и противракетна одбрана за 400 проценти. Тој се согласи со барањето на американскиот претседател Доналд Трамп секоја земја-членка да мора да издвои минимум пет отсто од бруто домашниот производ за војската.
Руте кажа дека секој напад врз НАТО би имал „разорни последици“. „Сериозно веруваме дека ако некој се обиде да нè нападне, последиците ќе бидат катастрофални за него, без разлика дали е тоа Русија или некој друг“, наведе тој.
„Не станува збор само за парите и оружјето, туку и за менталитетот. Свесни сме дека тука влогот е огромен. Луѓето кои се обидуваат да дејствуваат против нас мора да го разберат тоа“, додаде тој.
На прашањето дали главната закана за НАТО е Русија или Кина, тој одговори: „Главната долгорочна закана за НАТО е Русија. Нема сомнение. Но, постои повеќе од Русија. НАТО никогаш не беше основан само за да се бори против Советскиот Сојуз. Стануваше збор за заштита на НАТО од секој што сака да нè нападне. Она што го гледате во Кина е огромно зголемување на нивната војска.“
Имајќи предвид дека се претпоставуваше дека Руте ќе ги повика земјите-членки на НАТО да ги зголемат своите противракетни и воздушни одбранбени капацитети, Кремљ даде соопштение и пред Руте да го одржи својот говор. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, кажа дека НАТО е „инструмент на агресија и конфликт“.
„НАТО, откако ја симна маската, го покажува своето вистинско лице како инструмент на агресија и конфликт на секој можен начин“, порача Песков на редовниот брифинг за медиумите.