„Сите работиме на тоа војната во Украина да се оконча со праведен и траен мир. Ги поздравуваме напорите на Соединетите Американски Држави и убеден сум дека овие напори ќе доведат до мир во Европа“, кажа Руте на прес-конференција пред утрешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.
Претставникот на американскиот претседател Доналд Трамп Стив Виткоф и зетот на претседателот Џаред Кушнер престојуваат денес во Москва и ќе се сретнат со рускиот претседател Владимир Путин.
„Сакаме војната да заврши со суверена Украина и Русија никогаш повеќе да не може да ги нападне своите соседи“, истакна главниот секретар, додавајќи дека е извршена многу работа за „безбедносните гаранции“ за Украина.
Кога беше прашан за почетниот американски план од 28 точки, кој предвидува Украина да се откаже од членството во НАТО, Руте кажа дека проширувањето на Алијансата бара консензус од земјите-членки и „сега нема консензус за Украина“.
Руте кажа дека во последните месеци, европските и канадските сојузници обезбедиле милијарди долари за купување американска опрема и оружје за Украина. „Очекувам дека сојузниците ќе објават нови придонеси во наредните денови“, додаде генералниот секретар на западниот воен пакт.
Според иницијативата ПУРЛ (Список на приоритетни барања на Украина), со која сојузниците на НАТО и другите партнери финансираат и организираат набавка на американско оружје, муниција и воена опрема за Украина, треба да се обезбедува една милијарда месечно.
„На вистинскиот пат сме, започнавме во август со една милијарда месечно, а досега се обезбедени четири милијарди. За следната година, исто така, треба да обезбедиме најмалку една милијарда месечно за купување основна опрема од САД“, кажа Руте.
Министрите за надворешни работи на земјите од НАТО утре ќе разговараат за мировните напори за запирање на руската агресија врз Украина и зајакнувањето на одбранбените капацитети и одвраќањето.
Невообичаено е што американскиот државен секретар Марко Рубио нема да учествува на состанокот. „Не сакам да извлекувам никакви заклучоци од неговото отсуство“, кажа Руте.
„Не се сеќавам на нешто слично во поновата историја“, изјави поранешната портпаролка на НАТО Оана Лунгеску, истакнувајќи дека неговото отсуство би испратило погрешен сигнал, особено во време кога е потребна поблиска координација со европските сојузници за Украина.
Наместо Рубио, САД ќе ги претставува неговиот заменик Кристофер Ландау.






