вторник, 3 февруари 2026

Шефот на НАТО: Целта на безбедносните гаранции е на Русија да не ѝ исплати нов напад на Украина

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте смета дека суштинската цел на безбедносните гаранции, кои би стапиле во сила по прекинот на огнот, е значително да ја зголемат цената која Русија би ја платила за секој иден напад врз Украина. Руте го изјави ова на прес-конференција во Киев.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Руте не сакаше детално да ги коментира написите на Фајненшл тајмс за договорените принципи на гаранциите, иако потврди дека го прочитал извештајот. Сепак, тој појасни дека сегашните договори предвидуваат три нивоа на гаранции.

Првото ниво, кажа тој, се состои од зајакната украинска армија, која би била финансирана од партнерите. „Украинската војска очигледно ќе биде првата линија на одбрана доколку Русите или некој друг некогаш повторно ја нападнат Украина. Сите чувствуваме обврска да обезбедиме вооружените сили на Украина да бидат во најдобра можна позиција да се заштитат себеси“, кажа генералниот секретар на западниот воен пакт.

Второто ниво, според Руте, го сочинува „Коалицијата на спремните“ составена од Франција и Обединетото Кралство. Тој не прецизираше како ќе дејствува во случај на напад, велејќи само дека целта на коалицијата не е само да обезбеди дека украинската војска има сè што ѝ е потребно, туку и да гарантира други чекори.

Третото ниво го сочинуваат Соединетите Американски Држави. „А потоа САД, почнувајќи од минатото лето, кажаа: Сакаме да се вклучиме“, додаде Руте.

Сите три нивоа заедно треба да обезбедат степен на одвраќање доволен за да се пружи сигурност „дека Русија никогаш повеќе нема да се обиде да нападне“. „Нема да коментирам за сè во медиумите, освен да кажам дека ова е општата намера – да се направи безбедносната гаранција толку силна што би била многу лоша одлука Русија повторно да нападне“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ