петок, 13 март 2026

Шефот на израелската дипломатија: Пукањето е резултат на антисемитското дивеење во Австралија

Израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар остро ја критикуваше австралиската влада по смртоносното пукање на настан по повод празникот Ханука во Сиднеј, опишувајќи ја трагедијата како „резултат на антисемитското дивеење по улиците на Австралија“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Згрозен сум од убиственото пукање на настан по повод Ханука во Сиднеј, Австралија“, објави Саар. Тој рече дека еврејската заедница е цел на напад и дека неделното пукање е резултат на „антисемитското дивеење на улиците на Австралија во изминатите две години“.

„Австралиската влада, која доби безброј предупредувачки сигнали, мора да се вразуми!“, напиша шефот на израелската дипломатија, пренесува Дпа.

Израелскиот претседател Исак Херцог изјави дека пукањето на плажата Бондај претставува напад врз еврејската заедница. „Во овие моменти, подли терористи ги нападнаа нашите сестри и браќа во Сиднеј, Австралија, во многу суров напад врз Евреи што излегоа да ја запалат првата свеќа за Ханука на плажата Бондај“, рече Херцог, соопшти неговиот кабинет во Ерусалим.

„Срцето на целиот израелски народ застана во овој момент додека се молиме за закрепнување на ранетите и за оние што ги загубија животите“, рече Херцог.

Тој додаде дека Израел повеќепати повикувал на дејствување за да се спротивстави, како што го опиша, „огромниот бран“ антисемитизам што го погодува австралиското општество.

Напад за време на празникот Ханука

Според првичните извештаи, цел на нападот на култната плажа во источен Сиднеј бил еврејски настан по повод празникот Ханука. Неделата е првиот ден од Ханука. Австралиските медиуми објавија дека биле испукани десетици истрели и дека има 10 загинати и најмалку исто толку ранети.

Полицијата првично соопшти дека се приведени две лица, без да изнесе детали за природата на нападот, осомничените или жртвите, а потоа беше пренесено дека еден напаѓач е мртов, а другиот во критична состојба.

Од избувнувањето на војната во Газа во октомври 2023 година е забележан глобален пораст на антисемитизмот. Напаѓани се Евреи и синагоги, а критиките упатени кон Израел во некои случаи прераснале во омраза кон Евреите.

Австралиските власти сè уште официјално не потврдиле дека нападот бил насочен кон еврејската заедница, но челникот на Здружението на австралиските Евреи го опиша како „трагедија (…) што беше целосно предвидлива“.

Австралиската влада на премиерот Ентони Албаниз „повеќепати беше предупредена, но не презеде соодветни мерки за заштита на еврејската заедница“, изјави Роберт Грегори за АФП.

„Напад врз Евреите и нашите вредности“

Џереми Лајблер, претседател на Ционистичката федерација на Австралија, изјави за „Џерузалем пост“ дека „еврејската заедница е во шок“. „Две илјади членови на еврејската заедница ја славеа Ханука, заедно палејќи ја првата свеќа на плажата Бондај. Се наоѓаме во состојба на висока подготвеност“, рече Лајблер.

„Ова е ден на исклучителна тага. Членови на нашата заедница се убиени, а други тешко повредени. Семејства се уништени. Светиот момент на светлина е претворен во темнина. Соработуваме со властите додека се потврдуваат нови детали. Нашиот фокус сега е на жртвите, нивните семејства и безбедноста на заедницата“, додаде тој.

Тој нагласи дека „нападот врз Евреите што ја слават својата вера е напад и врз самата Австралија“. „Тоа е напад врз нашите вредности, нашата општествена кохезија и основното право луѓето да се собираат без страв“, рече претседателот на Ционистичката федерација на Австралија.

Алекс Ривчин, коизвршен директор на Извршниот совет на австралиските Евреи, во интервју за „Скај њуз“ изјави дека пукањето се случило на настан на плажата во чест на еврејскиот фестивал Ханука, кој започнал на зајдисонце.

„Ако сме намерно целени на овој начин, тоа е нешто што никој од нас никогаш не можеше да го замисли. Ова е ужасна работа“, рече тој, додавајќи дека неговиот медиумски советник бил ранет во нападот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ