„Доколку Вашингтон сака повторно да го примени военото сценарио, како претходно, ние сме подготвени. Нашите воени капацитети се значајни и многу поголеми отколку за време на последната војна“, изјави тој за Ал џезира.
Претходно американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД разгледуваат „многу силни опции“ како одговор на реакцијата на иранските власти на протестите во земјата.
Иранскиот министер повторно ги обвини Израел и САД дека се обидуваат да ја дестабилизираат земјата. „Тие се обидуваат да го постигнат она што не успеаја да го постигнат со војна, а тоа е да го дестабилизираат Иран“, кажа тој.
Тој истакна дека Техеран нема да дозволи терористички групи поддржани од странски сили, „особено Израел“, да продолжат со своите активности. Како што објасни, обучени терористички елементи „се инфилтрирале“ во протестите и ги нападнале демонстрантите со цел „да ги вовлечат САД во војна“.
Арагчи објасни дека протестите во Иран „станале насилни и крвави“ за да му дадат на Трамп „изговор“ воено да интервенира во земјата.
Сепак, додаде тој, ситуацијата сега е под „тотална контрола“ и иранските власти, предводени од претседателот, разговараат со претставници на демонстрантите.
Тој исто така кажа дека интернетот во земјата е прекинат по „терористичките акти нарачани од странство“.
Протестите во Иран почнаа кон крајот на декември 2025 година поради девалвацијата на локалната валута, иранскиот риал.
Тие се интензивираа околу десет дена подоцна, по повикот на Реза Пахлави, син на шахот на Иран, кој беше соборен во 1979 година. Во тоа време, интернетот беше исто така исклучен. Иранските власти, обвинувајќи ги САД и Израел за организирање на немирите, објавија дека ситуацијата е под контрола.
Ирански безбедносен извор изјави вчера дека повеќе од 500 цивили, полицајци и членови на Исламската револуционерна гарда се убиени во немирите во Иран, а стотици се повредени.






