„Односите меѓу Иран и Русија дополнително се продлабочија во последните години“, кажа Аракчи и истакна дека двете земји соработуваат во голем број области, вклучително и во нуклеарната програма. „Русија беше наш партнер и ни помогна. Учествуваше во нуклеарните преговори и имаше значајна улога“, рече тој.
Тој додаде дека Русија стои зад Иран во сегашниот конфликт со Израел и по американските воздушни напади врз иранските нуклеарни објекти.
Русија ја изгради иранската нуклеарна централа Бушер на југот на земјата и продолжува да учествува во нејзиното одржување. Путин минатата недела изјави дека во централата моментално има околу 200 руски експерти и му се заблагодари на Израел што се согласи да ја гарантира нивната безбедност.
За време на средбата со Аракчи, Путин ги осуди американските напади врз Иран, нарекувајќи ги „агресија без никакво оправдување и основа“ и кажа дека иранскиот народ може да смета на поддршката од Русија.
Тој додаде дека, покрај Аракчи, во изминатите неколку дена разговарал и со американскиот претседател Доналд Трамп, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, претседателот на Обединетите Арапски Емирати Мохамед ал Нахјан и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан. Точниот термин на тие разговори не е прецизиран, а Кремљ претходно изјави дека не е планирано Путин да разговара со Трамп по американските напади.
На средбата присуствуваа и рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров и советникот на Путин за надворешна политика Јуриј Ушаков, поранешен руски амбасадор во Вашингтон. Кремљ објави кратко видео од средбата, на кое се гледа како Путин ја прима иранската делегација во раскошна сала.
❤️🇷🇺🇮🇷 BREAKING: IRANIAN FOREIGN MINISTER MEETS WITH PRESIDENT PUTIN. pic.twitter.com/yNqRHvOeFZ
— Jackson Hinkle 🇺🇸 (@jacksonhinklle) June 23, 2025