Абас Арагчи на социјалната мрежа Икс напиша дека иранската војска прецизно го елиминирала седиштето на израелската команда, контрола и разузнавачки служби и „уште една витална мета“. Напомена дека „ударниот бран“ предизвикал „површинска штета“ на блискиот медицински центар Сорока, за кој истакна дека лекува израелски војници повредени во Газа.
Израел тврди дека Иран директно ја таргетирал болницата, додека Иран истакна дека целта бил командниот центар во близина на болницата. „Стотици невини Иранци се ладнокрвно убиени откако Израел минатата недела ја почна својата нелегална војна против иранскиот народ“, истакна Арагчи.
„Нашите моќни оружени сили ќе продолжат да ги толчат криминалците кои го целат нашиот народ додека не престанат и не платат за својата криминална агресија против нашата нација“, додаде тој.
Иранскиот министер за надворешни работи денес престојува во Женева во Швајцарија каде ќе се сретне со своите европски колеги за разговори. Еден дипломат за Си-ен-ен изјави дека ќе се разговара за тоа „што може да се постигне“ за да заврши конфликтот.