петок, 19 декември 2025

Шефот на германската војска: Путин гледа на нас, неговите планови ја надминуваат Украина

„Путин (претседателот на Русија Владимир) нè гледа, неговите планови одат подалеку од Украина“, кажа началникот на Генералштабот на Бундесверот (германските вооружени сили) Карстен Бројер, пренесува германската агенција ДПА.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Вчера, по повод серијата воени вежби на НАТО Квадрига 2025 во регионот на Балтикот, Бројер ја истакна потребата од одвраќање.

„Само преку одвраќање може да се зачува мирот“, кажа Бројер на прес-конференција во Берлин.

Тој повтори дека заканата од Русија не се променила.

Околу 8.000 војници од 14 земји-членки на НАТО, вклучувајќи ја и Германија, се обучуваат за заштита на Балтикот во случај на криза или војна.

Меѓу другото, се спроведува движење на војници и опрема по море, копно и воздух кон источното крило на НАТО, во Литванија.

„Бундесверот мора да вежба, вежба и повторно да вежба“, рече Бројер.

Станува збор за сигурноста на логистичкиот центар за НАТО, бидејќи практично сите правци за снабдување минуваат низ Германија.

Бројер, исто така, посочи на големата руска вежба Запад, која започнува за помалку од две недели, „со главен театар во Белорусија, веднаш на границата со Литванија, веднаш на границата со НАТО“.

Се очекуваат околу 13.000 војници во Белорусија и уште 30.000 на руска територија.

Бројер кажа дека маневрите Запад и Квадрига делумно ќе бидат во исто време.

„Сакаме да одвратиме, не сакаме ескалација. Вежбаме само одбрана“, тврди началникот на Генералштабот на германската армија.

Нема индикации за подготовки за напад под закрила на руски маневри.

„Но, ние сме будни“, додаде Бројер.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ