петок, 13 јуни 2025

Шефот на дипломатијата: Америка не се повлекува од светот

Американскиот државен секретар Марко Рубио денес инсистираше дека администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп не се повлекува од светот, отфрлајќи ги критиките од неговите поранешни колеги во Конгресот за намалувањето на странската помош и буџетот за дипломатија, од кои некои жалат што гласале за неговото поставување затоа што тој не му се спротивставил на Трамп.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во повремено жестокото прво сведочење како министер за надворешни работи, Рубио беше критикуван за неговата улога во репресијата на владата врз имиграцијата, ангажманот на Трамп со рускиот претседател Владимир Путин и неговата одлука да даде приоритет на преселувањето на белите Јужноафриканци во Соединетите Американски Држави пред бегалците од други делови на светот.

Зборувајќи пред комитетот за надворешни односи на Сенатот, Рубио кажа дека целта на промените што ги надгледува „не е да се демонтира американската надворешна политика и не е да нè повлече од светот“, истакнувајќи ги неговите патувања откако ја презеде функцијата во јануари.

Рубио: Не направивме никакви отстапки за Путин

„Тукушто посетив 18 земји за 18 недели“, рече Рубио. „Тоа не звучи како повлекување.“

Администрацијата на Трамп го блокираше приемот на претежно небелите бегалци од остатокот од светот, но почна да ги населува Африканерите, потомците на претежно холандските доселеници во Јужна Африка, тврдејќи дека се соочуваат со дискриминација, па дури и геноцид. Владата на Јужна Африка ги негира обвинувањата за геноцид.

„Кога ја свртевте главата од геноцидот во Судан и измисливте еден во Јужна Африка, се здруживте со претседателот Трамп за да го напуштите украинскиот народ, а Владимир Путин ве изигра“, кажа сенаторот Крис ван Холен од Мериленд, остро критикувајќи го пресвртот на Рубио за многу прашања кои ги застапуваше како сенатор.

„Еднаш зборувавте со убедување за важноста на странската помош како средство за унапредување на американските вредности и интереси. Потоа застанавте на страна додека Илон Маск ги уништуваше УСАИД и другите програми за помош“, кажа Ван Холен, додавајќи дека жали што гласал за номинацијата на Рубио.

„Пред сè, вашето жалење што гласавте за мене потврдува дека добро си ја работам работата“, одговори Рубио. Што се однесува до Русија, Рубио кажа дека Путин не добил никакви вистински отстапки во американските напори да почнат преговорите за прекин на војната во Украина, а санкциите против Русија остануваат на сила.

Намалување на помошта

Рубио му кажа на комитетот дека буџетското барање на администрацијата на Трамп од 28,5 милијарди долари за фискалната 2025/2026 година ќе му овозможи на неговиот оддел да продолжи да ја спроведува визијата на Трамп, а воедно да намали 20 милијарди долари трошоци за „дуплирани, растрошни и идеолошки водени програми“.

Рубио се соочи со тешки прашања во врска со намалувањето на странската помош додека го намалува персоналот во Стејт департментот и американската Агенција за меѓународен развој (УСАИД), кои претходно трошеа околу 40 милијарди долари годишно, а сега се спојуваат со Стејт департментот. Тој беше застапник на таквата помош во текот на неговите 14 години во Сенатот.

Тој кажа дека многу од програмите што ги откажал не им служат на интересите на САД и дека Вашингтон ќе остане најдарежливиот донатор на хуманитарна помош во светот. Администрацијата предлага нов фонд A1OF од 2,9 милијарди долари кој би ја презел странската помош, градејќи врз „лекциите што ги научивме од УСАИД“, кажа Рубио.

Сенаторите го прашаа Рубио и за плановите на Трамп за укинување на санкциите против Сирија, улогата на Рубио во сузбивањето на имиграцијата, доставувањето хуманитарна помош за Палестинците во Газа и напорите за ставање крај на војната во Украина.

Рубио кажа дека моменталната проценка на САД е дека сириската влада е несигурна со оглед на голем број предизвици. Тој најави дека Стејт департментот ќе им дозволи на вработените во Турција, вклучително и на амбасадорот таму, да соработуваат со локалните власти во Сирија за да утврдат каква помош им е потребна.

„Нашата проценка е дека преодната влада, со оглед на предизвиците со кои се соочува, може да е неколку недели, но не и повеќе месеци, оддалечена од потенцијален колапс и целосна граѓанска војна, од вистински распад на земјата“, рече тој.

Критики за поддршка на Израел

Неколку демонстранти го прекинаа сведочењето на Рубио со извици „Стоп на геноцидот“ пред полицијата да ги избрка од салата за расправа. Демонстрантите редовно ги прекинуваа конгресните сослушувања за време на израелската војна во Газа.

Рубио ја поздрави одлуката на Израел да дозволи влез на хуманитарна помош по неколкунеделната блокада и кажа дека израелските акции во Газа се насочени против милитантите на Хамас.

Вашингтон прашал други земји во регионот дали би биле отворени за прифаќање на Палестинци од Газа кои сакаат доброволно да се преселат, рече Рубио, иако ги негираше извештаите дека имало разговори за Либија да прифати бегалци од Газа.

Републиканците го пофалија Рубио, кој стана клучна фигура во администрацијата на Трамп. Тој моментално работи како советник за национална безбедност на Трамп, администратор на УСАИД и вршител на должноста архивар на Соединетите Американски Држави.

„Кога имам проблем, му се јавувам Марко. Тој го решава“, рече Трамп претходно месецов.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ