четврток, 11 декември 2025

Шефот на делегацијата на ЕУ бара борба со корупцијата во Црна Гора: „Не сакаме истраги туку обвиненија“

Без мерливи резултати, Црна Гора нема да може да ги затвори поглавјата 23 и 24, изјави шефот на Делегацијата на Европската Унија во Подгорица, Јохан Сатлер. Тој кажа дека Брисел не сака да види само истраги, туку и обвиненија и конечни пресуди.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Сатлер кажа дека Европската Унија го гледа напредокот на Црна Гора во последните две години, нагласувајќи дека корупцијата е избор, а не судбина и дека ниедна земја не е имуна на неа.

„Затоа борбата против корупцијата треба да биде политичка цел“, порача Сатлер.

Тој укажа дека корупцијата носи со себе последици од поткопување на демократијата и колапс на довербата и кажа дека дури и најбогатите и најнапредните земји можат да се урнат ако корупцијата управува со институциите.

„Видовме напредок, но во минатото тука, како и во земјите од регионот, можевме да видиме дека луѓето ловат мали риби. Тоа полека но сигурно се менува. Сега гледаме средни и големи риби, што е важен сигнал за партнерите од ЕУ. Нашето очекување е Црна Гора да продолжи да гради врз своите успеси, сакаме да видиме не само истраги, туку и обвиненија и конечни пресуди. Без такво влијание, поглавјата 23 и 24 не можат да се затворат и процесот на пристапување не може да се заврши“, рече Сатлер.

Претседателот на Движењето за промени, Небојша Медојевиќ, објави дека е лицемерно најкорумпираните организации Европската Унија и Европската комисија да држат предавања за корупцијата.

„Корупцијата во црногорското општество е дел од нашата колективна ДНК и менталитет. Постојат многу научни истражувања и аргументи за ова. Корупцијата е морално и широко општествено прифатена во Црна Гора како модел на однесување и остварување лични интереси. Секој амбасадор на Европската комисија во Црна Гора го заврши својот мандат како богат човек. Не поради платата, туку поради вградувањето“, напиша Медојевиќ на платформата Икс.

Медојевиќ коментираше за 18-та Национална конференција за борба против корупцијата организирана во Подгорица од страна на Мрежата за афирмација на невладиниот сектор (МАНС).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ