Политичкото мешање, како што наведуваат, се заканува со долгорочни негативни последици за науката и образованието, пренесува Гардијан.
Во центарот на критиките е американскиот претседател Доналд Трамп, кој за време на својот втор мандат воведе или предложи низа мерки за кои експертите тврдат дека директно ќе го попречат образованието и научните истражувања.
Илва Енгстром, потпретседателка на Кралската шведска академија на науките, која ги доделува Нобеловите награди за хемија, физика и економија, ги нарече потезите на администрацијата на Трамп неодговорни.
„Мислам дека и на краток и на долг рок тоа може да има катастрофални ефекти“, изјави таа за Ројтерс. „Академската слобода е еден од столбовите на демократскиот систем“.
Меѓу другото, Трамп предложи намалување на буџетот за Националните институти за здравство, најголемиот светски финансиер на биомедицински истражувања, и најави укинување на министерството за образование со цел да се намали улогата на федералната влада во образовниот систем. Неговата администрација, исто така, планира да даде приоритет на програмите што се фокусираат на „патриотско образование“ и да бара од училиштата да го ограничат уписот на меѓународни студенти на 15 отсто.
„За истражувањето, тоа ќе биде голем пад во она што американските научници можат да го направат и што им е дозволено да прават, што можат да објавуваат, за што можат да бидат платени. Значи, тоа ќе има големи ефекти“, додаде Енгстром, кој е и претседателка на комитетот за истражувачка политика на Академијата.
Од друга страна, администрацијата на Трамп ги отфрла обвинувањата за задушување на академската слобода. Во одговорот на Белата куќа се наведува дека Соединетите Американски Држави остануваат најголемиот финансиер на научни истражувања во светот.
„Целното намалување на трошењето, измамите и злоупотребата во финансирањето на истражувачките грантови и визните програми од страна на администрацијата ќе ја зајакне американската иновативна и научна доминација“, се вели во соопштението.
Британско-американскиот економист Сајмон Џонсон, добитник на Нобеловата награда за економија во 2024 година, исто така изрази загриженост, тврдејќи дека потезите на Трамп сигурно ќе му наштетат на економскиот раст.
„Овие политики се апсолутно, недвосмислено многу негативни, особено за создавањето работни места“, вели Џонсон, професор на Школата за менаџмент Слоун на МИТ.
„Сите инженерски и научни активности, мислам, ќе бидат засегнати. Биолошките науки се особено динамичен сектор во моментов, а Националниот институт за здравје, од некоја причина, е цел на навистина огромни намалувања“, заклучува тој.
Трамп, исто така, се судри со неколку престижни универзитети, заканувајќи се дека ќе го задржи федералното финансирање за протестирање против војната во Газа, политиките за различност и трансродовите права. Иронично, тој самиот неколку пати изјави дека мисли дека заслужува Нобелова награда за мир, иако експертите сметаат дека неговите шанси се минимални.
Објавувањето на добитниците на Нобеловите награди почнува во понеделник со наградата за медицина или физиологија, а завршува една недела подоцна со објавувањето на лауреатот по економија.






