Парадата, која почна доцна синоќа, ја одбележа 80-годишнината од основањето на владејачката Работничка партија и следеше по церемониите одржани во четвртокот.
Кинескиот премиер Ли Чијанг, делегација од Русија предводена од поранешниот претседател Дмитриј Медведев и генералниот секретар на Комунистичката партија на Виетнам То Лам беа меѓу странските претставници кои присуствуваа во Пјонгјанг по повод јубилејот.

За време на воената парада нуклеарно вооружената Северна Кореја ја претстави својата најнапредна интерконтинентална балистичка ракета, хвасонг-20, која КЦНА ја опиша како „најмоќниот систем за нуклеарно стратегиско оружје во земјата“, пренесе Ројтерс.
Серијата ракети „хвасонг“ ѝ дава на Северна Кореја капацитет да погоди која било точка на територијата на Соединетите Американски Држави, но остануваат сомнежи за прецизноста на нејзиниот систем за наведување и способноста на боевата глава да преживее повторно влегување низ атмосферата.

„Хвасонг-20 во моментов претставува врв на амбициите на Северна Кореја во развојот на нуклеарни капацитети со долг дострел. Се очекува системот да биде тестиран пред крајот на оваа година“, вели Анкит Панда од американската организација Фондација Карнеги за меѓународен мир.
„Веројатно е дизајнирана да носи повеќе боеви глави… Повеќе боеви глави го зголемуваат притисокот врз постојните американски системи за ракетна одбрана и го зајакнуваат она што Ким го смета за неопходно за да има вистински ефект на одвраќање врз Вашингтон“, додава Панда.
На парадата Ким одржа говор во кој изрази „топла поддршка“ за севернокорејските трупи кои учествуваат во прекуокеанските операции, додавајќи дека херојството на нивната војска ќе биде демонстрирано не само во одбраната на Северна Кореја, туку и во „предстражите на социјалистичката изградба“, објави КЦНА.

„Нашата армија треба да продолжи да расте во непобедлива сила која ги уништува сите закани“, кажа Ким.
Во петокот Ким разговараше и со Медведев, кој кажа дека жртвата на севернокорејските војници кои се борат за Русија во нејзината воена кампања во Украина ја потврдува меѓусебната доверба меѓу двете земји.
Според КЦНА, Ким му рекол на Медведев дека се надева на понатамошно зајакнување на соработката со Русија и интензивирање на размената во различни области за постигнување на заедничките цели.






