Севернокорејската влада сè повеќе ја применува смртната казна, меѓу другото и за луѓе фатени како гледаат или споделуваат странски филмови и ТВ драми, откри голем извештај на Обединетите нации.
Диктатурата, која останува во голема мера отсечена од светот, исто така ги подложува своите граѓани на повеќе принудна работа и дополнително ги ограничува нивните слободи, се наведува во извештајот.
Канцеларијата за човекови права на ОН утврди дека во изминатата деценија севернокорејската држава ја зајакнала контролата врз „сите аспекти од животот на граѓаните“.
„Ниту едно друго население денес не е под вакви ограничувања“, заклучува извештајот, додавајќи дека надзорот станал „пообемен“, делумно олеснет со технолошкиот напредок.
Волкер Тирк, високиот комесар за човекови права на ОН, изјави дека ако оваа ситуација продолжи, Севернокорејците „ќе бидат подложени на уште повеќе страдање, брутална репресија и страв, што ги трпат веќе толку долго“.
Извештајот, заснован на повеќе од 300 интервјуа со луѓе што избегале од Северна Кореја во последните 10 години, утврдил дека смртната казна сè почесто се користи.
Од 2015 наваму биле воведени најмалку шест нови закони што дозволуваат изрекување на оваа казна. Едни од кривичните дела што сега може да се казнат со смрт се гледањето и споделувањето странска медиумска содржина, како филмови и ТВ драми, бидејќи Ким Џонг Ун се обидува да го ограничи пристапот на луѓето до информации, вели Би-би-си.
Бегалците ѝ рекле на истражната екипа на ОН дека од 2020 наваму имало повеќе егзекуции за дистрибуција на странска содржина. Тие опишале дека егзекуциите се вршат со стрелачки вод во јавноста, за да се влее страв и да се обесхрабри прекршувањето на законот.
Канг Гјури, која избегала во 2023, изјавила за Би-би-си дека тројца нејзини пријатели биле егзекутирани откако биле фатени со јужнокорејска содржина. Таа присуствувала на судењето на еден 23-годишен пријател, кој бил осуден на смрт.
„Го судеа заедно со наркокриминалци. Овие злосторства сега се третираат исто“, рекла таа, додавајќи дека од 2020 луѓето станале многу повеќе уплашени.
Кога Ким Џонг Ун дојде на власт во 2011, многумина се надевале дека животот ќе се подобри, оти тој ветувал дека нема повеќе да треба „да го затегнуваат ременот“ – односно дека ќе имаат доволно храна. Ветил економски раст, а воедно и заштита на земјата со развој на нуклеарното оружје.
Но откако тој ја прекинал дипломатијата со Западот и САД во 2019 и се фокусирал на оружената програма, условите за живот и човековите права се „влошиле“.
Речиси сите интервјуирани рекле дека немаат доволно храна, а три оброци на ден се „луксуз“. За време на пандемијата на ковид, многумина рекле дека имало екстремен недостиг од храна и дека низ целата земја луѓе умирале од глад.
Владата, во исто време, ги ограничила неформалните пазари каде што семејствата тргувале, што им го отежнало преживувањето. Таа исто така го направила речиси невозможно бегството од земјата, со засилени контроли на границата со Кина и наредби војниците да пукаат во оние што се обидуваат да преминат.
„Во почетокот на владеењето на Ким Џонг Ун имавме надеж, но таа не траеше долго“, рекла млада жена што избегала во 2018 на 17 години.
„Владата постепено им забрануваше на луѓето да заработуваат самостојно, а самиот чин на живеење стана секојдневна мака“, сведочела таа.

ОН наведува дека во последниве 10 години владата извршувала речиси целосна контрола врз луѓето, оставајќи ги неспособни самите да носат економски, социјални или политички одлуки.
Еден бегалец рекол дека овие репресии се со цел „да им ги затворат очите и ушите на луѓето“.
„Тоа е форма на контрола насочена кон елиминирање и на најмалите знаци на незадоволство или поплаки,“ изјавил тој анонимно.
Извештајот исто така открил дека владата сега користи повеќе принудна работа од пред една деценија. Луѓе од сиромашни семејства се регрутираат во „шок-бригади“ за тешка физичка работа, како градење или рударство. Работата е опасна, а смртните случаи се чести. Наместо да ја подобри безбедноста, владата ги величи овие смртни случаи како жртви за Ким Џонг Ун. Последниве години дури регрутирала илјадници сирачиња и деца од улица.
Револуционерниот извештај на ОН од 2014 првпат утврди дека Северна Кореја извршува злосторства против човештвото. Некои од најтешките прекршувања беа пронајдени во познатите политички логори, каде што луѓе може да бидат затворени доживотно и да „исчезнат“.
Овој извештај од 2025 потврдува дека најмалку четири од тие логори сè уште функционираат, а затворениците во обичните затвори и понатаму се мачени и злоупотребувани. Многу бегалци сведочеле дека виделе затвореници како умираат од лош третман, прекумерна работа и неухранетост, иако ОН забележале „ограничени подобрувања“, како „мал пад на насилството од страна на чуварите“.
ОН бара ситуацијата да се пренесе пред Меѓународниот кривичен суд во Хаг.
Но тоа може да се случи само ако ја препрати Советот за безбедност на ОН, а од 2019, Кина и Русија повеќепати ги блокираа обидите за нови санкции против Северна Кореја.

Минатата недела, Ким Џонг Ун се сретна со кинескиот лидер Си Џинпинг и рускиот претседател Владимир Путин на воена парада во Пекинг, што сигнализираше дека овие земји неформално ја прифаќаат нуклеарната програма и третманот на граѓаните од страна на Северна Кореја.
ОН, покрај повикот за меѓународна акција, ја повикува и севернокорејската влада да ги укине политичките логори, да ја укине смртната казна и да ги образува граѓаните за човековите права.
„Нашето известување покажува јасна и силна желба за промени, особено кај младите луѓе (во Северна Кореја)“, изјави шефот за човекови права на ОН, Волкер Тирк.






