Поранешниот украински претседател Петро Порошенко има два клучни совети за секој што преговара со Владимир Путин.
Прво и најважно, никогаш да не му се верува; и второ, разговорите со рускиот лидер да почнат само кога се преговара од позиција на сила.
Порошенко стравува дека тие правила се игнорираат во тековните мировни преговори за војната на Русија, посредувани од САД, вели тој за Политико во интервју во Минхен. Порошенко, таканаречениот „чоколаден крал“ на Украина, се води од искуството со договорите од Минск од 2014 и 2015 година. Осмислени да го замрзнат конфликтот околу Донбас, а потпишани од лидерите на Украина, Русија, Франција, Германија и украинските сепаратисти, ниту еден од тие договори не опстана.
Неговите остри забелешки за состојбата на преговорите доаѓаат во момент кога руските и украинските делегации се среќаваат во Женева со американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, во најновата рунда досега неуспешни разговори за ставање крај на војната.
Порошенко, првиот избран претседател на Украина по востанието Евромајдан во 2013–2014 година, во кое беше соборен од Москва поддржаниот Виктор Јанукович, е загрижен за правецот во кој се движат мировните разговори.
Порошенко, кој ја предводи партијата Европска солидарност, главната опозициска фракција во Украина, смета дека неговиот лут ривал, претседателот Володимир Зеленски, направил грешка што влегол во преговори од кои Европејците се исклучени и дека требало да инсистира на итен прекин на огнот.
„И покрај катастрофата во Овалната соба минатиот февруари, требаше да остане на барањето за едноставно прекин на огнот. Тој не го разбира Путин и не го разбира Трамп. А имаме уште еден проблем: Трамп не го разбира Путин. Тоа е глобална трагедија, а не само за Украина“, вели Порошенко.
„Трамп мисли дека Путин со него тргува и се обидува да добие подобри мировни услови. Тоа не е точно. Путин не тргува. Тој има сосема поинакви сфаќања. Путин сака да го обнови Советскиот Сојуз. Путин сака повторно да воспостави Руско царство. Немам никаков сомнеж во тоа. Путин сонува за своето место во историјата. И без оглед на цената во загубени животи — руски и, секако, украински“, додаде тој.
Порошенко исто така не верува дека на Путин особено му е гајле за дополнителната територија во источна Украина што неговите трупи не успеаја да ја освојат и која Кремљ во секој мировен договор бара Киев да ја предаде.
Смета дека Путин тоа барање го користи „за да ја дестабилизира внатрешната политичка ситуација во Украина“ и да го разори единството на земјата, бидејќи секое територијално отстапување би морало да биде изгласано на референдум, што би ги поделило Украинците.
„Тоа е руско сценарио. Запомнете, Путин е офицер на КГБ. Тој е специјалист за вакви работи“, рече Порошенко.
Копнени трупи
За време на изборната кампања во 2019 година, Зеленски го нападна Порошенко поради потпишувањето на неуспешните договори од Минск, кои беа многу непопуларни и кои Русија не ги спроведе, вели Политико.
Порошенко го брани процесот од Минск. Тој истакнува дека отстапил малку — и многу помалку отколку што барал Путин.
„Но барем Минск ми купи пет години за да помогнам во градењето на украинската држава, црква и војска“, рече тој. Порошенко верува дека тие пет години биле пресудни Украина во 2022 година да ја издржи руската инвазија и да избегне пораз.
Европејците сега треба да се наметнат во преговорите со прифаќање на повикот на францускиот претседател Емануел Макрон континентот директно да учествува, вели Порошенко.
„Мислам дека ќе се создаде импулс околу тоа“, вели тој, но напоменува дека е потребна поддршка од германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Европа има целосно право да биде на масата, бидејќи сега таа ја финансира Украина. Сепак, без Трамп, без Америка, невозможно е да се постигне мировен договор. Улогата на Соединетите Американски Држави е важна, но без Европа исто така ништо не може да се случи. Можат да играат улоги на добар и лош полицаец“, додаде тој.
Но Порошенко исто така смета дека Трамп мора да премине една од своите „црвени линии“ за да ја гарантира безбедноста на Украина по војната.
„Тоа мора да вклучи копнени трупи. Чии трупи? Американски, бидејќи без нив повторно ќе дојде до судир“, рече тој.
Порошенко верува дека Трамп — кој ја исклучи можноста за испраќање американски војници во Украина — би можел да биде убеден да го смени мислењето.
Според Порошенко, во 2017 година, додека тој бил претседател, а Трамп во првиот мандат, разговарале за американско распоредување во рамките на мировна мисија на НАТО или Обединетите нации. Трамп првично го отфрлил тоа.
„Тој го мрази НАТО. Тој ги мрази мировните операции на Обединетите нации“, вели Порошенко.
Но како што продолжиле разговорите, според него, Трамп почнал да ја разгледува таа можност. Тој напоменува дека Трамп размислува за своето наследство и сака да влезе во историјата како претседател на мирот.
„А Трамп не може да постигне мировен договор без копнени трупи“, тврди Порошенко.
Национално единство
И Порошенко и Зеленски престојуваа во ист хотел за време на Минхенската безбедносна конференција минатата недела — но нивните патишта не се вкрстија.
„Со него сум разговарал само три пати во последните седум години“, вели Порошенко. Последниот пат бил пред повеќе од една година, кога „разговаравме за неговиот таканаречен план за победа и му реков да не се грижи и дека ќе го поддржиме, бидејќи тој е врховен командант. За жал, тоа беше последен пат кога разговаравме“, рече тој.
Меѓу Порошенко и Зеленски има длабоко непријателство и тие разменуваа остри напади за време на кампањата во 2019 година. Сепак, Зеленски убедливо победи откако тврдеше дека може да го реши конфликтот со Русија преку директни разговори со Путин и успешно допре до младите гласачи преку социјалните мрежи.
Украинските обвинители, именувани од Зеленски, потоа покренаа постапки против Порошенко, обвинувајќи го за тешки кривични дела, вклучително предавство, заговор и корупција. Порошенко вели дека сите обвиненија се наместени и дека е уверен дека на 6 март Врховниот суд ќе пресуди дека се незаконски и неуставни.
По низа неодамнешни корупциски скандали што доведоа до заминување на шефот на кабинетот на Зеленски, Андриј Јермак, и среде растечки критики за потиснување на демократијата, украинската политика стана сѐ покревка, тврди тој.
Сега Зеленски се соочува со парламентарна криза, бидејќи повеќе од 20 пратеници од неговата партија Слуга на народот се под истрага за примање мито за обезбедување гласови, што би можело да го лиши претседателот од парламентарното мнозинство.
„Парламентот сега е во многу длабока криза“, вели Порошенко.
„И поради тоа нема да има друга опција освен да формира влада на национално единство. Не поставувам никакви предуслови. Не ми треба никаква функција во владата, но станува прашање дали Украина ќе опстане или не.“






