понеделник, 8 декември 2025

Семејство на рибар убиен на Карибите поднесе тужба против САД

Семејството на колумбискиот рибар Алехандро Каранза, кој наводно бил убиен во американски воен напад на Карибите, поднесе прва позната жалба против вакви операции до Меѓуамериканската комисија за човекови права (ИАЦХР). Петицијата, поднесена вчера од американскиот адвокат за човекови права Ден Ковалик, тврди дека САД извршиле вонсудско убиство и ги прекршиле човековите права на Каранза кога го нападнале неговиот брод на 15 септември покрај брегот на Колумбија, пишува Си-ен-ен.

Фото: Принтскрин

Објавено на

часот

Сподели

Адвокатот Ковалик изјави за Си-ен-ен дека семејството бара надомест на штета и крај на ваквите напади. „Овие убиства се спротивни на меѓународното право. Тие се спротивни на американскиот закон. Сакаме ова да престане и мислиме дека ова е барем првиот чекор кон тоа да се случи“, кажа тој.

Во жалбата се наведува американскиот министер за одбрана Пит Хегсет како директен сторител, тврдејќи дека тој „бил одговорен за наредбата за бомбардирање на бродови како оние на Алехандро Каранза Медина и убивањето на сите други на таквите бродови“.

Се додава дека постапките на Хегсет биле „ратификувани“ од американскиот претседател Доналд Трамп. Пентагон прашањата ги упатил до Белата куќа, која Си-ен-ен ја контактирале за коментар.

Од почетокот на септември САД извршиле најмалку 22 напади врз бродови за кои тврдат дека шверцуваат дрога во Карибите и Пацификот, при што загинале најмалку 83 лица. Американската администрација ги оправдува овие постапки тврдејќи дека бродовите се поврзани со нарко-картели кои се во вооружен конфликт со САД, наведувајќи дека операциите се „целосно во согласност со Законот за вооружен конфликт“.

По нападот на 15 септември, самиот претседател Трамп изјави дека тројца „нарко-терористи од Венецуела“ кои транспортирале дрога во САД биле убиени.

Сепак, адвокатот на семејството Ковалик тврди дека Каранза, колумбиски државјанин, едноставно ловел сабјарка и туна во времето на нападот. „Тоа е она што го правел. Тоа била неговата професија и неговата работа“, кажа тој.

Колумбискиот претседател Густаво Петро даде слична изјава, опишувајќи го Каранза како долгогодишен рибар без врски со трговијата со дрога, чиј брод испраќал повик за помош поради дефект на моторот. Петро подоцна додаде дека е можно Каранза да се согласил да ја транспортира забранетата стока поради неговата тешка финансиска состојба, но нагласи дека „неговите постапки никогаш не заслужувале смртна казна“.

Колумбискиот претседател Петро во понеделникот објави дека Ковалик започнал „судска одбрана“ за семејството Каранза и повика на формирање комисија од колумбиски адвокати за да истражат она што тој го нарече „злосторства“ низ Карибите.

Ковалик потврди дека петицијата поднесена во име на сопругата и децата на Каранза е првата официјална жалба против нападите на САД и изрази верување дека ќе следат уште. „Тоа е целта. Тоа е една од нашите цели. Ќе им донесеме правда на тие луѓе“, изјави тој за Си-ен-ен.

Петицијата беше поднесена истиот ден кога самата Меѓуамериканска комисија за човекови права (ИАЦХР) издаде соопштение во кое изразува загриженост поради нападите на САД. Комисијата ги повикува Соединетите Американски Држави „да обезбедат сите безбедносни операции, вклучително и оние што се спроведуваат надвор од нивните граници, се во согласност со меѓународните обврски за човекови права, особено во однос на заштитата на правото на живот, употребата на сила, гаранциите за правична постапка и механизмите за одговорност“.

Доколку петицијата биде прифатена ИАЦХР може да издаде препораки до државата одговорна за прекршувањата со цел да се спречи нивно повторување и да се обезбеди репарација. Адвокатот Ковалик беше ангажиран и да го застапува самиот претседател Петро, ​​врз кого Соединетите Американски Држави воведоа санкции на 24 октомври, обвинувајќи го за „улога во глобалната нелегална трговија со дрога“, што Петро го негира.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ