Ова значи дека во ЕУ нов милијардер настанува во просек на секои девет дена и дека нивното вкупно богатство во првата половина од оваа година секој ден се зголемувало за повеќе од две милијарди евра.
ЕУ има 487 милијардери, чие вкупно богатство се зголемило за 405 милијарди евра, достигнувајќи 2,3 трилиони (илјада милијарди) евра на крајот на јуни.
Најбогатите 3.600 Европејци поседуваат богатство колку и најсиромашните 181 милион, што е еквивалентно на населението на Германија, Италија и Шпанија заедно, се наведува во извештајот во кој се истакнува дека даночните политики низ целиот континент им помогнале на супербогатите да го задржат и зголемат своето богатство.
„Го поврзавме тоа со даночниот систем, бидејќи ова не е случајност. Оваа нееднаквост во богатството е поврзана со политичките избори – а особено со неправедниот даночен систем“, изјави авторката на извештајот Кјара Путатуро за Политико.
Според неа, даночниот систем во ЕУ е дизајниран така што најголемиот дел се собира од обичните граѓани – осум од секои 10 евра даночни приходи биле платени од обичните граѓани преку данок на промет и данок на доход.
Девет отсто од вкупните даночни приходи во земјите од ЕУ ги плаќаат компаниите, а само 0,4 проценти доаѓаат од даноци на богатство.
Во соопштението на Оксфам се наведува дека во просек платите се оданочуваат по повисока стапка, додека инвестициите и холдинг компаниите се оданочуваат со пониски стапки, што ги прави богатите уште побогати.
Оксфам истакнува дека 10 земји од ЕУ немаат данок на наследство и дека само една членка, Шпанија, има данок на нето богатство.
„Ова значи дека супербогатите често плаќаат многу пониска ефективна даночна стапка на нивниот приход и богатството од обичните луѓе“, се наведува во соопштението.
Оксфам укажува и дека поголемиот дел од новото богатство оди во приватни џебови, а не во јавните буџети и дека европските влади станале релативно посиромашни.
Додека во 1990-тите владите поседувале околу 10 отсто од целото богатство, сега тоа е само шест проценти.
Доколку владите го задржеле тој удел, според проценката на Оксфам, земјите од ЕУ ќе имале дополнителни 3,6 милијарди евра во 2023 година за инвестиции во јавните услуги, училиштата и болниците.
Извештајот на Оксфам „Европска агенда за оданочување на супербогатите“ беше објавен пред состанокот на европските министри за финансии на кој ќе се разговара за начините за финансирање на буџетот на ЕУ.
Оксфам вели дека Европската комисија треба да изготви план за оданочување на богатите поединци преку зголемување на транспарентноста преку европски регистар на средства.
Комисијата би требало и да се обиде да воспостави заеднички стандарди за даноци на капитална добивка, на пример колку би платило едно лице кога продава акции.






