Се чини дека единствено Владимир Путин бил недостижен за неговиот мефистофелски шарм.
Многу од луѓето за кои сега се открива дека добро го познавале претходно тврдеа дека речиси и не го познавале, а сите тие сега велат дека сигурно не го познавале доволно добро за да бидат сведоци на педофилијата. Денес тие се обележани поради таа поврзаност и често остануваат и без работа.
Многумина останале во контакт со него дури и откако тој во 2008 година заврши во затвор во Флорида поради сексуални злосторства, а во некои случаи и откако повторно беше затворен во 2019 година по обвиненија за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација. Во тоа време судбината на жртвите често изгледаше како споредна работа. Тоа најверојатно е затоа што она што го добивале од него во минатото — пристап до луѓе што можат да ја унапредат кариерата, пристап до млади девојки и бескрајна понуда на бесплатни привилегии — можеби сè уште било на располагање. Таква е природата на досиејата за Епстин: тие се запис за тоа што една глобална класа на исклучително привилегирани, успешни и самобендисани луѓе сакале да го добијат како подарок.
Понекогаш тоа била чанта од Прада. Другпат лет со авионот на господинот Епстин или викенд на неговиот остров. Понекогаш донација за некоја фондација или училиште. Или работа за нивното дете на филм на Вуди Ален, или скратен пат за сопственото дете на Ален да се запише на Бард. Понекогаш тоа била „висока, шведска русокоса“. Другпат млада жена што можеби била „малку вознемирена од разликата во години“.
Пишувајќи за една претходна серија електронски пораки во Тајмс, Ананд Гиридхарадас праша: „Како господинот Епстин успеал да привлече толку многу туѓинци блиску до себе? Пораките откриваат економија на размена на нејавни информации што претставувала силен магнет. Ова не е свет во кој носите шише вино кога одите на вечера.“
Доверливите информации не биле единственото нешто што Епстин го имал на располагање. Сликата што ја даваат најновите досиеја покажува како тој ги освојувал наклонетоста и пријателствата дејствувајќи како некаков суперконсиерж. Понекогаш тоа значело испраќање хеликоптер да ги земе гостите, како што му понудил на Илон Маск во електронска порака од 2012 година, пишувајќи: „Колкумина ќе бидете за хеликоптерот до островот?“ Во друга прилика, Маск го прашува својот консиерж Епстин: „Имаш ли испланирано забави?“ Епстин обезбедувал патувања со приватен авион, практикантски позиции, часовници епл, чанти од Ермес, XL дуксери со патент (тие завршиле кај Стив Бенон), боксерки и маици во вредност од речиси 10.000 долари (за Вуди Ален) и кашмирски џемпер XXL (за Ноам Чомски). А тука е и ѕвездата на отпорот на Сабстак, Мајкл Волф, кој е насекаде низ досиејата за Епстин, и кој му пишува: „Чевлите се многу убави. Фала.“
Постојат многу начини да изгледате глупаво и морбидно во досиејата за Епстин, од кои најлоши се очигледно пораките како онаа што Питер Атија му ја напишал на Епстин во 2016 година, осум години откако Епстин стана регистриран сексуален престапник: „Пиздата е, навистина, нискојаглехидратна. Сепак, сè уште ги чекам резултатите за содржината на глутен.“ Сигурно сите досега ја виделе фотографијата на поранешниот принц Ендрју со раката околу 17-годишната Вирџинија Џуфре. Има и фотографија од Бил Клинтон во џакузи.
Постојат и други, навидум понаивни електронски пораки, кои исто толку заслужуваат осуда, затоа што покажуваат еден свет во кој е прифатливо да ги носите своите деца на островот на регистриран сексуален престапник. Во 2012 година, сопругата на министерот за трговија Хауард Латник му напишала на асистентот на Епстин, Лесли Гроф: „Ќе дојдеме од Кенил Беј наутро“, носејќи „две семејства со по четири деца, на возраст од 7 до 16 години! Шест момчиња и две девојчиња. Се надевам дека тоа е во ред.“ Подоцна, Латник лажеше за својата поврзаност со Епстин, тврдејќи дека бил толку „згрозен“ од него во 2005 година што немал никаков понатамошен контакт. Во 2017 година, Епстин ѝ донирал 50.000 долари на непозната организација во чест на Латник.
Многу од пораките прикажуваат свет што вклучува еден вид продажба на статус. Епстин ги користел своите холивудски пријатели (Ален и Брет Ратнер, идниот режисер на документарецот „Меланија“) за да ги привлече своите богати, паметни, но негламурозни пријатели. Бесплатен лет со авион за лице со висок статус (можеби дури и кралска личност) што инаку нема пристап до приватен авион може многу да значи.
Во 2016 година, Бред Карп, претседател на „Пол Вајс“, најелитната адвокатска фирма во Њујорк и една од првите што постигнаа спогодба со администрацијата на Трамп, му напишал на Епстин: „Може ли да отворам едно лично прашање со тебе во врска со мојот син Дејвид?“ Потоа продолжува: „Тој би сакал да работи, во каква било функција, со Вуди на неговиот претстоен филмски проект, ако тоа е можно. Секако дека не му треба хонорар и тој е навистина добро и талентирано дете.“ Родителот што бара работа за своето дете од пријател тешко дека е нешто незаконско. Но интересно е што адвокатската фирма на Карп беше меѓу првите што склучија договор со администрацијата на уште една личност што се појавува илјадници пати во досиејата за Епстин — Доналд Трамп.
И што има Трамп со сето ова? Тој ветуваше дека ќе ја исчисти Америка токму од ваквиот тип глобална елита што ја користи моќта за личен ќар, во чиј центар беше Епстин. „Никој не го познава системот подобро од мене, и затоа само јас можам да го поправам“, рече Трамп во говорот со кој ја прифати републиканската претседателска номинација во 2016 година. Тоа беше порака што одекна, и кога повторно го гледате говорот, што јас го направив неодамна, ентузијазмот на публиката е впечатлив. Конечно, некој им ја кажуваше на Американците страшната тајна дека, без оглед колку напорно работат и колку се паметни, во Америка околу 2016 година едноставно не можеше да се напредува. Тоа не беше нивна вина. Виновни беа елитите. Токму во тоа време го видовме и подемот на КјуАнон, теорија на заговор што тврдеше дека елитите водат мрежа за трговија со луѓе заради сексуална експлоатација од непостоечкиот подрум на една пицерија.
КјуАнон тогаш ни звучеше лудо — и сè уште е лудо — но досиејата за Епстин покажуваат дека имало паралели со реалноста.
Во досиејата за Епстин се закопани многу страшни тајни, кои го мешаат баналното со ужасното, жедното за статус со криминалното, и можеби токму тоа е највознемирувачкиот дел од сè. Ноншалантно спакувани заедно со панделка се мажи јавно бојкотирани и исфрлени (canceled), трговијата со луѓе заради сексуална експлоатација и медиумските совети од Мајкл Волф. Тоа што Епстин бил осуден сексуален престапник не го направило црна овца, не кога изгледало дека има нешто да понуди. Неговата трансакциска аморалност, всушност, изгледа дека ја зголемувала неговата привлечност кај луѓето убедени дека правилата не важат за нив.






