понеделник, 8 декември 2025

Сè што знаеме за 3И/АТЛАС: мистериозниот објект што јури низ нашиот Сончев систем

Иако повеќето научници веруваат дека станува збор за природна комета, еден астроном од Харвард сугерираше дека нејзините необични карактеристики би можеле да укажуваат на знаци на вонземска технологија.

Фото: ЕПА (архива)

Објавено на

часот

Сподели

На 1 јули 2025 година астрономите што го користеа телескопот АТЛАС (Систем за последно предупредување за удар на астероид во Земјата) во Рио Уртадо, Чиле, открија блед, брзо движечки објект поинаков од сè што е видено досега.

Откритието, официјално наречено 3И/АТЛАС (Ц/2025 Н1), го означува само третиот потврден меѓуѕвезден објект што некогаш е забележан – по „Оумуамуа“ во 2017 година и 2И/Борисов во 2019 година.

Но што точно е 3И/АТЛАС, каде оди и дали е можно овој чуден посетител од друга ѕвезда да е нешто повеќе од само комета?

Што е 3И/АТЛАС?

Се верува дека 3И/АТЛАС е комета – има опаш, сјае додека се приближува кон Сонцето и покажува знаци дека испушта прашина и гас.

Со ширина некаде помеѓу 5 и 11 километри, тоа е најголемиот меѓуѕвезден објект што некогаш ни се приближил, а веројатно и најстариот, потенцијално датирајќи милијарди години пред раѓањето на сонцето, вели Лајв саенс.

Неговото име е изведено од неговото потекло: „3“ за трет пронајден меѓуѕвезден објект, „И“ за меѓуѕвезден (interstellar) и „АТЛАС“ за мрежата од телескопи што го забележа.

Од каде потекнува овој меѓуѕвезден објект?

Она што го прави невообичаен е тоа од каде потекнува.

3И/АТЛАС се формирал во друг ѕвезден систем и некако бил исфрлен во меѓуѕвездениот простор, односно просторот меѓу ѕвездите. Милиони, па дури и милијарди години, тој лебдел сè додека неодамна не пристигна во нашиот Сончев систем, вели НАСА. Се приближи од генералната насока на соѕвездието Стрелец, каде што се наоѓа централниот регион на нашата галаксија, Млечниот Пат. Кога беше откриен, 3И/АТЛАС беше оддалечен околу 670 милиони километри од Сонцето, во рамките на орбитата на Јупитер.

Неговата брзина и патека на движење покажуваат дека тој не е гравитационо врзан за Сонцето – што значи дека мора да потекнува од друг ѕвезден систем и случајно да залутал во нашиот.

Набљудувањата на траекторијата на кометата покажуваат дека таа се движи пребрзо за да биде ограничена од гравитацијата на Сонцето и дека е на таканаречена хиперболична траекторија. Со други зборови, таа не следи затворена орбитална патека околу Сонцето. Таа едноставно поминува низ нашиот Сончев систем и ќе го продолжи своето патување во меѓуѕвездениот простор, за никогаш повеќе да не биде видена, вели НАСА.

Колку брзо патува и каде оди?

Според астрономите, 3И/АТЛАС се движи низ вселената со повеќе од 200.000 км/ч (околу 61 км во секунда), а неговата брзина се зголемува како што се приближува кон Сонцето.

Следи хиперболична орбита, што значи дека се движи премногу брзо за да биде заробен од гравитацијата на Сонцето.

„Ќе крстосува, на некој начин, низ внатрешниот Сончев систем – помеѓу Марс и Земјината орбита – а потоа ќе прелета покрај Сонцето“, изјави во август за Гардијан Кон Стојцис, директор за комети и метеори во Астрономското друштво на Викторија.

„Се движи во она што го нарекуваме хиперболична орбита. Значи, не е гравитационо врзана за Сонцето. Патува премногу брзо, па затоа едноставно ќе одлета од другата страна на Сончевиот систем“, додаде тој.

Според НАСА, најблиску што 3И/АТЛАС ќе дојде до Земјата е околу 270 милиони километри.

Може ли да е нешто повеќе од природен објект?

За повеќето астрономи, 3И/АТЛАС е возбудлив, но природен феномен. Но еден угледен научник – професорот Ави Лоеб, теоретски астрофизичар на Универзитетот Харвард – се залагаше за потребата од подетално испитување на објектот.

Преку проектот Галилео, кој истражува потенцијални докази за вонземска технологија, Лоеб поставуваше провокативни прашања за потеклото на 3И/АТЛАС.

Во серија научни есеи објавени на неговата лична страница на платформата Медиум тој тврди дека научниците сè уште треба да размислат дали објектот би можел да биде вонземска технолошка сонда – вештачка сонда или артефакт од друга цивилизација.

Во еден есеј насловен „Дали 3И/АТЛАС генерира сопствена светлина?“, Лоеб се запрашува дали неговата светлина може да произлегува од самиот него, а не од рефлектираната сончева светлина – својство различно од која било позната комета.

„Хипотезата за која станува збор е дека неодамнешниот меѓуѕвезден посетител на нашиот Сончев систем, 3И/АТЛАС1-10, е технолошки артефакт, а освен тоа има и активна интелигенција. Ако е тоа случај, тогаш следуваат две можности: прво, дека неговите намери се целосно безопасни, и второ, дека се опасни, или некаде помеѓу“, напиша тој во труд насловен „Дали меѓуѕвездениот објект 3И/АТЛАС е вонземска технологија?“

„Последиците, доколку хипотезата се покаже точна, потенцијално би можеле да бидат катастрофални за човештвото и евентуално би биле потребни одбранбени мерки“, предупреди тој.

НАСА цврсто ја отфрли перспективата на Лоеб.

„Изгледа како комета. Се однесува како комета. Многу, многу силно наликува, во речиси секој поглед, на кометите што ги знаеме“, изјави Том Статлер, водечки научник на НАСА за мали тела во Сончевиот систем за Гардијан во септември.

Оттогаш Лоеб призна во блог-пост дека „наједноставната хипотеза е дека 3И/АТЛАС е комета“, појаснувајќи дека неговата цел била да ги оспори претпоставките, а не да дава цврсти тврдења.

„Наместо тоа, да ја задржиме нашата детска љубопитност и да бараме докази, наместо да се преправаме дека сме возрасни што однапред ги знаат одговорите“, напиша тој.

Дали ќе можеме да ја видиме 3И/АТЛАС?

3И/АТЛАС прелета покрај Марс на 3 октомври и моментално се приближува до својата најблиска точка до Сонцето (перихел), до која ќе стигне на 29 октомври. Кометата сега е на другата страна од Сонцето и нема да биде повторно видлива од Земјата сѐ до средината на ноември. Кога повторно ќе се појави, астрономите ќе имаат ретка можност да видат како мистериозниот посетител се променил по средбата со Сонцето и до кој степен можеби пораснале неговиот млаз и опаш.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ