Холандија го има еден од најстарите и најсеопфатните закони за евтаназија во светот. Лекарите можат да го прекинат животот на личност која страда неподносливо, без надеж за подобрување. Потребна е дијагноза, која може да биде физичка болест, но и ментална болест или деменција.
Според податоците од Регионалните одбори за преглед на евтаназија (РТЕ), бројот на смртни случаи од евтаназија се зголемил од 9.068 во 2023 година на 9.958 во 2024 година. Огромното мнозинство (86%) имале напредна физичка болест како што е рак, додека 219 лица починале поради ментална болест во споредба со 138 во 2023 година. Во 2010 година имало само два такви случаи.
РТЕ ги повика лекарите да бидат „многу претпазливи“ со менталните болести и да се консултираат со психијатар и независен лекар од специјализирана мрежа за прашања за евтаназија.
„Лекарот мора секогаш да бара психијатриско мислење за таквите пациенти. Целта е лекарот да биде добро информиран и критички да размислува за сопствените верувања“, објави РТЕ.
Заклучено е дека шест случаи на евтаназија од 2024 година не биле спроведени со доволно претпазливост. Пример е случајот со доктор кој, без консултација со психијатар, одобрил евтаназија на жена во седумдесеттите години која сакала да умре затоа што, по фрактура на ‘рбетот, повеќе не можела да ја исполни својата опсесивна потреба за чистење.
Некои експерти се загрижени, особено во случајот со помладите луѓе.
Демијан Денис, професор по психијатрија на Универзитетскиот медицински центар во Амстердам, рече: „Иако апсолутните бројки се сè уште ниски, има драматично зголемување на бројот на барања и одобрена евтаназија кај пациенти со ментални нарушувања, особено кај оние на возраст под 30 години. Ова е контроверзно бидејќи не е јасно дали младите можат да ги исполнат критериумите потребни за евтаназија. Како може со сигурност да се утврди дека една млада личност со мозок што се уште се развива навистина сака да умре, дека животот го доживува како безнадежен и дека сите опции за лекување се исцрпени?“.
Но, холандската организација НВВЕ за правото на умирање тврди дека бројките одговараат на побарувачката.
„Бројките растат малку секоја година“, рече претседателот на НВВЕ, Франсиен ван тер Бик. „Ова покажува дека евтаназијата сè повеќе се прифаќа и се користи. Како и претходните години, надзорните комитети заклучија дека евтаназијата се спроведува многу внимателно во Холандија. Ова е нешто со што можеме да се гордееме како земја и не е нешто што треба да се земе здраво за готово, како што покажуваат примерите на многу други земји“.
Холандија ја легализираше евтаназијата и потпомогнатото самоубиство во 2002 година. Според законот, само лекар може да му стави крај на животот на пациентот, доколку пациентот тоа го побара доброволно и промислено и ако не постои разумна алтернатива за ситуацијата во која се наоѓа.
Холандскиот закон не бара пациентот да биде блиску до смртта доколку сака евтаназија.






