понеделник, 19 мај 2025

Сè повеќе млади Британци се вртат кон Католичката црква, главно мажи

Дваесет и тригодишниот Џошуа Стил нашол „силно чувство на мир“ што не можел да го најде никаде на друго место кога почнал да оди на католичка миса во Британија. Преобраќањето на дваесет и шестгодишниот Ден Вилијамсон било поттикнато од „копнеж“ за нешто „подлабоко, древно и побогато“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

И двајцата се дел од растечкиот број мажи на возраст од 18 до 34 години кои одат во црква во Британија почесто отколку пред пандемијата на ковид, со што се побива долгогодишното верување дека христијанството е во генерациски пад во западните земји, пишува Ројтерс во својата анализа.

Се чини дека традициите и ритуалите на Католичката црква, во комбинација со копнежот по припадност и вера, се она што особено ги привлекува младите возрасни луѓе во Британија, особено мажите.

„Се обидував да ја пополнам празнината, пронајдов чувство на мир“

„Барав смисла во животот“, вели Стил по неделната миса во црквата Света Елизабета Португалска во југозападен Лондон, додека воздухот е сè уште исполнет со мирис на темјан.

Австралиец кој се преселил во Британија во 2023 година, Стил е роден во католичко семејство, но никогаш не одел во црква – сè додека не сакал да ја пополни „празнината“ што ја чувствувал во животот.

„Го најдов Христос“, вели тој. „Најдов силно чувство на мир што не можам да го најдам никаде на друго место.“

Растот на посетеноста на црквите кај младите луѓе во Англија и Велс е забележан во извештајот „Тивко оживување“ од април 2024 година, спроведено од Библиското друштво и Југов на примерок од 13.146 возрасни лица.

Христијаните кои одат во црква барем еднаш месечно сега сочинуваат 12 отсто од вкупното население во споредба со 8 отсто во 2018 година. Кај младите луѓе на возраст од 18 до 24 години, уделот се зголемил на 16 отсто во споредба со само 4 отсто во 2018 година, што ја прави оваа возрасна група втора најверојатна за редовно одење во црква, веднаш зад оние над 65 години. Зголемувањето е особено изразено кај младите мажи – 21 отсто од нив велат дека редовно одат во црква, во споредба со 12 отсто од жените во истата возрасна група.

И речиси 500 години откако кралот Хенри Осми се разделил од Рим и ја основал Англиканската црква, католицизмот е попопуларен од англиканството меѓу верниците на возраст од 18 до 34 години денес: 41 отсто се идентификуваат како католици (зголемување од 22 отсто во 2018 година) и 20 отсто како англиканци (намалување од 30 отсто).

Традиција во нестабилни времиња

Од околу 20-на луѓе со кои Ројтерс разговарал за овој напис, вклучувајќи конвертити, верски водачи и академици, најчестите причини за пристапување кон религијата се: дестабилизирачкиот ефект на пандемијата, потребата од древни традиции во нестабилни времиња, желбата за волонтирање и разочарувањето од современиот свет.

Извештајот покажува и дека луѓето кои одат во црква се посреќни и се чувствуваат поповрзани со својата заедница, што е особено привлечно во дигиталната ера кога анксиозноста и проблемите со менталното здравје се сè почести.

Вилијамсон, кој се преобратил од англиканство во католицизам, и самиот се бори со анксиозност и вели дека нашол утеха во поврзувањето со минатото.

„Тоа е засновано на нешто многу поголемо од нас самите“, вели тој. „Веројатно сме првата генерација што се обидува да живее без Бог и мислам дека полека признаваме дека тоа не функционира.“

Свештеникот Дејвид Стјуарт од Единбург пред три години основал католичка младинска група со околу 30 членови. Денес, сто од нив редовно доаѓаат на неделна вечерна миса, а има над двесте од нив во групата на Ватсап.

Стјуарт вели дека повеќето од нив немаат религиозно потекло, а 60 до 80 отсто од нив се мажи – многумина работат во интернет-технолошката или финансиската индустрија.

„Тие бараат нешто подлабоко“, вели тој.

Нов пристап кон младите

Сличен раст бележи црквата Света Елизабета во Лондон, каде што верничката Џорџија Кларк (28) почнала повик преку Зум за да поврзе неколку тинејџери кои се чувствувале изолирани за време на пандемијата. Денес, групата брои стотина млади луѓе.

Таа вели дека се обидела да им се обрати на младите луѓе на истиот „скромен“ начин како што тоа го правел папата Франциско – отфрлајќи го традиционалниот фокус на подготовките за светоста на причеста во корист на неформални разговори.

„Тоа инспирираше многумина од нас, вклучувајќи ме и мене, да размислиме како можеме да бидеме повеќе насочени кон надвор“, рече таа.

Ајдан Гебурс, 29, редовен посетител на мисата во католичка црква во Мејфер, во централен Лондон и вработен во банкарскиот сектор, вели дека ужива во чувството на припадност и заедница.

„Убаво е да не се биде пред екран, да се биде меѓу луѓе и да се изрази верата“, вели тој.

Познати и млади муслимани отвориле дискусии за религијата

Навидум зголемениот број на млади луѓе во црквите во Британија отвори расправа за привлечноста на религијата.

Според пописот на населението, бројот на Британци кои се идентификуваат како христијани се намалил на 48 отсто во Англија и Велс од 59 отсто во 2011 година. Но, академиците тврдат дека преостанатиот број верници се попосветени на својата вера и поредовно одат во црква.

За разлика од САД, британските политичари и јавни личности ретко зборуваат јавно за религијата. Ова сега се менува – на пример, раперот Стормзи и фудбалерот на Арсенал, Букајо Сака, јавно ги споделуваат своите христијански верувања на социјалните медиуми.

Зголемениот број на имигранти од порелигиозни општества, исто така, поттикна јавна дебата за религијата. Младите муслимани сè повеќе јавно зборуваат, и онлајн и во живо, за убавината на Рамазан.

Религиозните водачи велат дека социјалните мрежи им го олеснија на младите луѓе влегувањето во верата. Најголемиот британски христијански издавач СПЦК објави дека во 2024 година во Велика Британија биле продадени 310.458 Библии, во споредба со 258.391 во 2023 година и 194.013 во 2018 година.

Католичката црква вели дека расте глобално – бројот на католици се зголемил за околу 1 отсто помеѓу 2022 и 2023 година, достигнувајќи 1,406 милијарди. Меѓу попознатите конвертити е потпретседателот на САД, Џеј Ди Венс, кој се конвертирал во 2019 година.

Стјуарт, од Единбург, вели дека некои млади луѓе го гледаат доаѓањето во црква како отфрлање на културата на „токсична машкост“, избирајќи наместо тоа „пријателство, толеранција и служење на другите“.

„Пандемијата предизвика промени“

Тим Хачингс, вонреден професор по религиозна етика на Универзитетот во Нотингем, верува дека пандемијата можеби поттикнала промени поради социјалната изолација во годините на созревање и дека овој раст може да се толкува и како реакција на прогресивните политики и опаѓањето на традиционалните улоги.

„Можеби поради сето ова, младите луѓе, особено мажите, мислат – ајде да се придружиме на една исклучително конзервативна, антифеминистичка институција“, вели тој.

Свештеникот на црквата Света Елизабета Стефан Лангриџ верува дека новите верници се привлечени од античките традиции кои „даваат утеха во свет каде што сè изгледа минливо, ништо не е трајно“.

„Дали сме сведоци на тектонска промена?“ се прашува тој. „Не знам. Но, она што го гледаме е секако значајна промена.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ