Франс прес пренесува дека гувернерот Грег Абот им рекол на новинарите дека „само во округот Кер се сметаат за исчезнати 161 лице“ и додаде дека тоа се заснова на информациите што ги пријавиле пријателите, роднините и соседите на исчезнатите.
Екипите за пребарување сè уште минуваат низ калливите речни брегови и ги надлетуваат погодените области, иако се намалуваат шансите да се најдат преживеани меѓу исчезнатите, меѓу кои има и деца.
Пред три дена, поројните дождови на реката Гвадалупе уништија христијански летен камп за девојчиња. Дваесет и седум од нив загинаа, десет девојчиња и еден советник во кампот никогаш не беа пронајдени.
Најголем број загинати има во и околу малиот град Кервил, на брегот на реката и на имотот на кампот Мистик.
Њујорк тајмс пренесе дека најмалку 104 лица загинале во целата зона на поплавите.
Американската јавност дебатира за тоа како државните и локалните власти реагирале на временските предупредувања што предвидувале можност за ненадејни поплави и недостаток на систем за рано предупредување што можел да ја ублажи катастрофата, пренесува Ројтерс.
Заменик-гувернерот Ден Патрик вети дека државата ќе обезбеди повеќе пари за системи за предупредување од ненадејни поплави.






