среда, 11 март 2026

Саудиска Арабија ја пренасочува нафтата преку Црвено Море каде што демнат хутите

Саудиска Арабија би можела да испорача значително повеќе нафта преку Црвено Море во март, но количеството нема да биде ни приближно доволна за да ги компензира намалените испораки преку Ормускиот теснец, покажуваат денешните податоци за испораките.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Поради нападите на Соединетите Американски Држави и Израел, Иран ја презеде контролата врз Ормускиот теснец, забранувајќи го преминувањето на бродови поврзани со САД, Израел, европските земји и нивните сојузници.

Под такви услови осигурителите го откажаа покривањето за бродовите во поширокиот регион на Персискиот залив, а танкерите ја прекинаа пловидбата низ Ормускиот теснец.

До 28 февруари и првиот бран американско-израелски напади врз Иран, Саудиска Арабија извезуваше околу шест милиони барели нафта дневно преку тесниот премин помеѓу Оманскиот залив и Персискиот залив.

Земјите во регионот на Персискиот залив моментално извезуваат само една десетина од нафтата од периодот пред конфликтот, пресмета Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) во својот последен извештај.

Ова би значело дека помалку од два милиони барели дневно моментално минуваат низ Ормускиот теснец, според проценките на ИЕА и просекот за 2025 година.

Само Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати имаат нафтоводи со проценет капацитет од 3,5 милиони до 5,5 милиони барели дневно кои би можеле да го заобиколат Ормускиот теснец, забележа ИЕА.

Затоа, Саудијците сега испорачуваат нафта од пристаништето Јанбу на Црвено Море со цел да го зголемат извозот и да избегнат нагло намалување на производството, како нивните соседи во Персискиот залив – Ирак, Кувајт и Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ).

2,2 милиони барели дневно се испратени од Јанбу во првите девет дена од март, двојно повеќе отколку во февруари, покажуваат податоците на ЛСЕГ.

Вкупно 37 танкери треба да бидат натоварени со нафта во Јанбу во март, вклучувајќи 11 кои веќе испловиле, според податоците на ЛСЕГ. Податоците од компанијата Кплер покажуваат дека треба да бидат натоварени најмалку 40 танкери, што би можело да го зголеми извозот над четири милиони барели дневно.

Пристаништето има капацитет да обработи повеќе од 4,5 милиони барели дневно, велат трговците, иако ретко се товареле повеќе од 2,5 милиони.

И патот кој минува низ Црвено Море вклучува безбедносни ризици од напади на движењето Ансар Алах, попознато како хути, кое, на чело на коалициска влада, управува со северен Јемен.

Ансар Алах го затвори преминот Баб ал Мандеб, барајќи испорака на хуманитарна помош на палестинскиот Појас Газа за време на периодот на израелските напади.

Саудискиот нафтен гигант Арамко денес објави дека неговите нафтоводи до Црвено Море можат да „ослободат“ до седум милиони барели дневно, од кои пет милиони би биле достапни за извоз, а преостанатите два милиони би биле наменети за домашни рафинерии на западниот брег на Саудиска Арабија.

Кралството досега го намали производството на нафта на околу 9,8 милиони барели дневно, од 10,9 милиони барели дневно во февруари, кога извозот се зголеми над квотата на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), со подготовки за можни прекини во снабдувањето, според проценките на Енерџи аспектс.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ