На снимките направени од Максар текнолоџис се гледаат возила, градежна опрема и кран во близина на отворите и кратерите создадени од воздушните напади од минатата недела врз комплексот за збогатување нуклеарно гориво во Фордо.
„Еден багер и неколку луѓе се наоѓаат веднаш до северниот отвор над подземниот комплекс. Кранот работи на влезот во отворот“, објави Максар. Покрај тоа, дополнителни возила се паркирани по патеката што води до локацијата.
Претходно месецов, американски бомбардери Б-2 фрлија повеќе од десетина бомби за разбивање бункери врз иранските нуклеарни објекти во Фордо и Натанз, додека крстосувачки ракети „томахавк“ беа испукани од американска подморница и го погодија објектот во Исфахан, во централен Иран.
Според началникот на Генералштабот на американската армија, Ден Кејн, бомбите биле насочени кон два отвори за воздух во Фордо. Кејн кажа дека повеќето од бомбите биле наменети да навлезат во главниот отвор, да се спуштат во комплексот со брзина поголема од 300 метри во секунда и да детонираат во саканата област.
Поранешниот нуклеарен инспектор Дејвид Олбрајт, кој сега раководи со Институтот за наука и меѓународна безбедност, кажа дека снимките од Фордо во саботата покажуваат дека Иранците активно работат на две точки каде што бомбите ги погодиле отворите.
Според неговата проценка, активностите вклучуваат полнење на кратерот, проценка на штетата и евентуално земање примероци за евентуално зрачење. „Кратерите над главните отвори се сè уште отворени“, додаде Олбрајт.
Тој исто така изјави дека Иранците „брзо ја поправиле штетата на главниот пристапен пат“, но дека „нема знаци за обид за повторно отворање на влезот во тунелите“.
Во неделата, директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) на Обединетите нации, Рафаел Гроси, рече дека нападите на САД не ја уништиле целосно нуклеарната програма на Иран и дека Техеран би можел да продолжи со збогатувањето на ураниум „за неколку месеци“.
Изјавата на Гроси ја поддржува раната проценка на американската Воена разузнавачка агенција (ДИА), за која првпат објави Си-ен-ен, дека нападите не уништиле клучни компоненти на иранската програма и веројатно само ја одложиле за неколку месеци.
Иако конечната воена и разузнавачка проценка сè уште не е завршена, американскиот претседател Доналд Трамп постојано тврди дека неговиот напад „целосно и трајно ја уништил“ нуклеарната програма на Иран.






