Велика Британија, Франција и Германија, европските земји кои ја предводеа одлуката, објавија дека се повторно воведени санкциите кон Иран.
Европската тројка изјави дека „повторното воведување на санкциите на ОН не е крај на дипломатијата“, повикувајќи го Иран да се воздржи од ескалација на дејствијата.
По зеленото светло од Советот за безбедност на ОН и неуспехот на Русија и Кина во петокот да го продолжат рокот за воведување санкции, санкциите стапија на сила десет години по нивното укинување.
Иран денеска го нарече враќањето на санкциите на ОН „неоправдано“ и ги повика сите земји да не ги применуваат.
„Повторното активирање на укинатите резолуции е правно неосновано и неоправдано. Сите земји мора да се воздржат од признавање на оваа незаконска ситуација“, се вели во соопштението на иранската дипломатија, прв официјален одговор на Иран на повторното воведување на санкциите.
Иран „решително ќе ги брани своите национални права и интереси, а секоја акција насочена кон повреда на интересите и правата на неговиот народ ќе наиде на цврст и соодветен одговор“, соопшти иранското Министерство за надворешни работи, без да даде детали.
Според Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Иран е единствената земја без нуклеарно оружје која збогатува ураниум до 60 отсто, што е блиску до прагот од 90 отсто потребен за производство на атомска бомба.






