петок, 19 декември 2025

Санду: Русија им плаќа на стотици луѓе за да ја дестабилизираат Молдавија пред важните избори

Проевропската претседателка на Молдавија ја обвинува Русија дека им плаќала на „стотици луѓе“ за да ја дестабилизираат земјата пред парламентарните избори овој викенд.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Молдавија спроведе повеќе од 200 рации поради наводни акции поддржани од Русија за дестабилизација на земјата пред парламентарните избори в недела, додека претседателката Маида Санду предупреди дека Москва троши стотици милиони евра за да влијае на гласањето.

Националната полиција соопшти дека истражителите и безбедносните сили спровеле 250 претреси против повеќе од 100 лица, но не ја прецизираше нивната политичка припадност.

„Претресите се поврзани со кривично дело за подготовка на масовни немири и дестабилизација, кои беа координирани од Руската Федерација преку криминални елементи“, се вели во соопштението во вторникот.

На брифинг во главниот град Кишињев, безбедносните претставници тврдеа дека молдавските граѓани биле обучувани во Србија за протестни тактики од страна на руски разузнавачки оперативци. Властите уапсија 74 лица како резултат на претресите, соопштија безбедносни претставници.

Изборите би можеле да бидат клучни за кандидатурата на Молдавија за членство во Европската Унија, процес за кој велат дека Москва се обидува да го попречи преку тактики како дезинформации, организирање масовни немири и купување гласови.

„Најзначајни избори“

Санду, која го опиша гласањето в недела како „најзначајните избори“ во историјата на Молдавија, ја обвини Москва дека води субверзивна кампања за да влијае на изборите за да го задржи Кишињев во својата орбита.

Минатиот месец, тајкунот-бегалецот Илан Шор, кој е санкциониран од САД и ЕУ како наводен руски агент, отворено им понуди на Молдавците месечни исплати од 3.000 долари за да се приклучат на антивладините протести.

Во видеообраќање во понеделникот, Санду предупреди дека суверенитетот на Молдавија е „во опасност“ и дека руското мешање ќе има далекусежни последици за Европа.

„Кремљ фрла стотици милиони евра за да купи стотици илјади гласови на двата брега на реката Нистру и во странство“, рече таа.

„Луѓето секојдневно се опиени со лаги. Стотици поединци се платени да предизвикаат нереди, насилство и да шират страв.“

Рациите треба да нè „замолчат“: поранешен претседател

Колидерот на молдавскиот проруски Патриотски блок, за кој се очекува да претставува силен предизвик за владејачката проевропска Партија за акција и солидарност, претходно изјави дека некои членови биле предмет на рации.

„Криминалниот режим на ПАС се обидува да нè заплаши, да го исплаши народот и да нè замолчи“, рече Игор Додон, поранешен претседател, на апликацијата за пораки Телеграм.

„Стотиците претреси дневно и нападите врз нашите колеги… го демонстрираат стравот на Маја Санду од резултатите од изборите. Тие знаат дека ќе ги изгубат овие избори“, рече тој за време на прес-конференција.

Додека повеќето анкети направени пред изборите покажуваат дека ПАС е во водство, аналитичарите велат дека исходот од гласањето в недела е непредвидлив, вели ТРТ.

Под претседателството на Санду, Молдавија минатата година ги започна преговорите за пристапување во ЕУ.

Русија негираше дека се мешала во внатрешните работи на Молдавија и вели дека владата на Санду поттикнува антируски чувства за да освои гласови.

Руската служба за надворешно разузнавање (СВР) во вторникот ја обвини ЕУ дека има намери „да ја окупира Молдавија“.

ЕУ и НАТО се „решени да ја држат Молдавија на курсот на нивната русофобична политика“, соопшти руската државна новинска агенција ТАСС, цитирајќи го прес-бирото на СВР.

„Тие планираат да го сторат тоа по секоја цена, вклучително и со воведување војници и де факто окупирање на земјата. Во оваа фаза, во Романија се спроведува концентрација на единици на вооружени сили од земјите на НАТО во близина на молдавските граници“, соопшти агенцијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ