среда, 4 февруари 2026

Санчез: „Ќе ги заштитиме децата од дигиталниот Див Запад“

Социјалните мрежи на удар во Европа додека Шпанија и Грција размислуваат за забрана за тинејџери.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Шпанија и Грција вчера предложија забрани за користење на социјалните мрежи за тинејџери, додека ставовите во Европа се заоструваат кон технологијата за која некои тврдат дека е осмислена да создава зависност и дека може да ги изложи децата на штетни содржини.

Шпанија сака да ги забрани социјалните мрежи за лица помлади од 16 години, изјави премиерот Педро Санчез. Грција е блиску до објавување слична забрана за деца помлади од 15 години, наведе за Ројтерс висок владин извор.

Со тоа им се приклучуваат на земји како Британија и Франција, кои разгледуваат построги мерки кон социјалните мрежи, откако Австралија во декември стана првата држава што го забрани пристапот до таквите платформи за деца помлади од 16 години.

Владите и регулаторите низ светот го проучуваат влијанието на времето што децата го поминуваат пред екраните врз нивниот развој и менталната благосостојба. „Нашите деца се изложени на простор низ кој никогаш не било предвидено да се движат сами… Ова повеќе нема да го прифаќаме“, изјави Санчес на Светскиот самит на владите во Дубаи. „Ќе ги заштитиме од дигиталниот Див Запад“.

Санчес рече дека неговата влада ќе донесе закон со кој раководителите на социјалните мрежи лично ќе одговараат за говор на омраза на своите платформи.

Шпанија им се приклучува на уште пет европски земји во она што Санчес го нарече „Коалиција на дигитално спремни“, со цел координација и спроведување прекугранична регулатива, рече тој, без да наведе кои се тие земји, а нивниот прв состанок треба да се одржи во наредните денови. „Знаеме дека ова е битка што далеку ги надминува границите на која било држава“, изјави тој.

Законот со кој на деца помлади од 15 години би им се забранил пристапот до социјалните мрежи моментално поминува низ францускиот парламент. Британија исто така разгледува слични мерки.

Предложената регулатива во Шпанија би им дала јасна поддршка на родителите да поставуваат ограничувања и би го ублажила општествениот притисок врз децата што се плашат дека ќе пропуштат нешто, изјави Дијана Дијаз, директорка на Фондацијата АНАР за деца и адолесценти во ризик.

Неодамнешната експлозија на содржини генерирани со вештачка интелигенција, како и негодувањето на јавноста поради извештаите дека четботот со вештачка интелигенција Грок, во сопственост на Илон Маск, генерирал сексуални слики без согласност, вклучително и на малолетници, ја поттикна дебатата за ризиците од ваквите содржини на интернет.

Сепак, не е постигнат едногласен став дека социјалните мрежи им штетат на адолесцентите, изјави Хосе Сесар Пералес, професор по експериментална психологија на Универзитетот во Гранада.

Околу 82 проценти од Шпанците изјавиле дека сметаат оти на деца помлади од 14 години треба да им се забранат социјалните мрежи, според анкета на Ипсос за образованието во 30 земји, објавена минатиот август.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ