Островот Самоа и местото Киритимати на островот Кирибати во централниот дел на Тихи Океан први ја дочекаа Новата 2026 година.
Кај нив, поради временската зона, Новата година пристигна во 11 часот по средноевропско време.
По нив Новата година ќе ја дочекаат Австралија, Нов Зеланд, Северна и Јужна Кореја, Тајланд, Индија, Обединетите Арапски Емирати, Русија, Јужна Африка и поголем дел од Европа.
За целата планета да влезе во новата 2026 година потребни се 26 часа, па така последни Новата година ќе ја дочекаат Бразил (во 3 часот по средноевропско време), Њујорк (во 5 часот) и Лос Анџелес (во 9 часот).
Самоа секоја година е меѓу првите што влегуваат во Новата година затоа што се наоѓа во временската зона „Стандардно време Самоа“, која е 14 часа пред координираното светско време (УТЦ). Земјата се наоѓа западно од Меѓународната датумска граница, замислена линија што ги раздвојува календарските денови, па во моментот кога во Самоа чукнува полноќ на 1 јануари, поголем дел од светот сè уште е во 31 декември.
Ваквата положба Самоа не ја имала отсекогаш. Во 2011 година земјата ја смени страната на Меѓународната датумска граница од практични причини, за да го усогласи работењето со своите главни трговски партнери – Австралија и Нов Зеланд, кои тогаш беа речиси цел ден понапред. При таа промена, Самоа прескокна еден цел календарски ден, преминувајќи директно од четврток во сабота.
Оттогаш, Самоа е меѓу првите места во светот што влегуваат во новата година и редовно се спомнува во глобалните извештаи како точка каде што Новата година „официјално започнува“.
Интересно е што Самоа и Американска Самоа, иако оддалечени помалку од 200 километри и културно поврзани, се наоѓаат на различни страни од Меѓународната датумска граница. Американска Самоа, која е територија на САД, се наоѓа источно од таа линија и ја користи временската зона која е 11 часа зад УТЦ, речиси цел ден зад Самоа.
Поради тоа, додека во Самоа веќе се слави 1 јануари, жителите на Американска Самоа сè уште ги минуваат последните часови од 31 декември, што претставува еден од најнеобичните временски контрасти во светот.






