среда, 10 декември 2025

Само морален поттик за Палестинците

Бранот меѓународни признавања на палестинска држава предизвика негодување и речиси едногласна осуда низ целиот политички спектар на Израел, обединувајќи ги политичките противници и, според аналитичарите, потенцијално зајакнувајќи ја позицијата на владејачката коалиција.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Британија, Португалија, Австралија и Канада официјално ја признаа палестинската држава во неделата, еден ден пред самитот во Њујорк каде што им се придружија и други земји, вклучувајќи ја и Франција, која го свика самитот заедно со Саудиска Арабија.

Бенјамин Нетанјаху, израелскиот премиер, ги нарече тие потези „апсурдни“ и „награда за тероризмот“, додека претседателот на Израел оцени дека ова ќе ги охрабри „силите на темнината“. „Палестинската држава нема да биде воспоставена западно од реката Јордан“, кажа Нетанјаху.

Сличен јазик користеа и опозициските лидери. Јаир Лапид, шеф на центристичката партија Јеш Атид, оцени дека тоа е „дипломатска катастрофа, лош потег и награда за теророт“.

Иако самитот во Њујорк би можел да го подигне моралот на Палестинците, не се очекува да донесе промени на теренот, бидејќи, според експертите, малку е веројатно дека израелската влада ќе го промени курсот поради овие признавања.

„Ова нема да има ни милиметар влијание врз носењето политики“, кажа Јаков Амидрор, поранешен советник за национална безбедност на Нетанјаху и аналитичар во конзервативниот Ерусалимски институт за стратегиски студии.

Каква е моменталната состојба на палестинската државност?

Палестинската ослободителна организација (ПЛО) прогласи независна палестинска држава во 1988 година, а поголемиот дел од глобалниот Југ брзо ја призна. Денес, таа е признаена од околу 150 од 193-те членки на Обединетите нации.

Главниот сојузник на Израел, Соединетите Американски Држави, долго време тврдат дека ја поддржуваат целта за палестинска државност, но дури откако Палестинците и Израел ќе постигнат договор за решение со две држави во преговорите. До неодамна, главните европски сили го делеа тој став.

Сепак, од 2014 година не се одржале никакви израелско-палестински преговори, а Нетанјаху сега отворено тврди дека палестинска држава никогаш нема да постои.

Делегацијата која ја претставува државата Палестина има статус на набљудувач во Обединетите нации – но без право на глас. Без оглед на бројот на држави што ја признаваат палестинската независност, полноправното членство во ОН би барало одобрение од Советот за безбедност, каде што Вашингтон има право на вето.

Палестинските дипломатски мисии низ целиот свет ги контролира Палестинската самоуправа (ПА), која е меѓународно призната како претставник на палестинскиот народ.

ПУ, предводена од претседателот Махмуд Абас, има ограничена самоуправа во делови од окупираниот Западен Брег врз основа на договор со Израел. Издава палестински пасоши и управува со здравствениот и образовниот систем.

Појасот Газа е контролиран од милитантната група Хамас од 2007 година, која го собори движењето Фатах на Абас по кратка граѓанска војна.

Дали земјите ќе отворат нови амбасади?

Се очекува палестинските дипломатски мисии во земјите што ја признаваат палестинската држава да бидат подигнати до целосен статус на амбасади. Сепак, не се очекува државите да можат да отворат нови, целосно развиени амбасади на палестинските територии, каде што Израел го контролира пристапот.

Околу 40 земји имаат конзулати или претставништва или во Рамала, седиштето на Палестинската самоуправа на Западниот Брег, или во деловите од Ерусалим заземени од Израел во 1967 година, кои Палестинците ги сакаат за свој главен град.

Израел го смета целиот Ерусалим за свој неделив главен град. Амбасадите во Израел се наоѓаат претежно во Тел Авив, иако САД ја преместија својата амбасада во Ерусалим за време на првиот мандат на претседателот Доналд Трамп.

Која е целта на признавањето на палестинска држава?

Земјите кои одлучуваат да ја признаат палестинска држава велат дека овој потег насочен кон вршење притисок врз Израел да ја прекине својата разорна офанзива врз Газа, да ја запре изградбата на нови еврејски населби на окупираниот Западен Брег и повторно да се посвети на мировниот процес со Палестинците.

Францускиот претседател Емануел Макрон, првиот лидер на голема западна сила што го поддржа признавањето, кажа дека потегот ќе биде придружен со обврска на Палестинската самоуправа да спроведе реформи што ќе го подобрат палестинското управување и ќе го зајакнат нејзиниот кредибилитет како партнер во повоената администрација во Газа.

Што значи признавањето во пракса?

Оние кои признавањето го гледаат како обичен гест, укажуваат на ограниченото влијание на земји како Кина, Индија, Русија и многу арапски држави кои ја признаа независноста на Палестина пред неколку децении.

Без целосно место во ОН или контрола врз сопствените граници, Палестинската самоуправа има само ограничена способност да води билатерални односи. Израел го ограничува пристапот до стоки, инвестиции, образовни и културни размени. Палестинците немаат аеродроми. До Западниот Брег, кој е без излез на море, може да се стигне само преку Израел или преку границата со Јордан, која е под израелска контрола, додека Израел сега го контролира целиот пристап до Појасот Газа откако ја зазеде границата на Газа со Египет за време на тековната војна.

Сепак, земјите кои планираат признавање, како и самата палестинска власт, тврдат дека тоа нема да биде празен гест.

Хусам Зомлот, шеф на палестинската мисија во Британија, кажа дека признавањето би можело да доведе до партнерства меѓу субјектите на рамноправна основа.

Тоа би можело да ги принуди и некои земји да ги преиспитаат одредени аспекти од нивните односи со Израел, вели Винсент Фин, поранешен британски дипломат во Ерусалим.

Палестинците во Газа, додека бегаат од израелските напади врз енклавата, не гледаат многу утеха во признавањето на државноста. „Дури и ако земји како Австралија, Канада и Франција – кои сега се меѓу оние што се залагаат за ова признавање – ја признаат Палестина, верувам дека сепак нема да има сериозен притисок врз Израел да им ги даде на Палестинците нивните права“, кажа раселениот Палестинец Набил Џабер во неделата.

Во Тел Авив, Израелците рекоа дека Палестинците во минатото отфрлиле многу можности да основаат своја држава.

„Им понудивме мир околу пет пати. Можеа да се согласат со која било од тие понуди, но никогаш, ама баш никогаш не избраа мир. Па зошто да избираме мир со луѓе кои сакаат да киднапираат, убиваат, силуваат наши луѓе? Не мислам дека треба да го правиме тоа“, смета Тамара Равех, 25-годишна студентка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ