недела, 7 декември 2025

САД влегоа во буџетска блокада, што ја наруши работата на федералната администрација

САД утрово влегоа во ситуација на блокада на буџетот, таканаречен „шатдаун“, откако официјално истече владиниот буџет на полноќ по локално време (во 6:00 по средноевропско време), што значи запирање на дел од активностите на федералната администрација.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Стотици илјади владини службеници технички ќе останат невработени, а се очекуваат големи нарушувања за корисниците на јавните услуги, додека моменталната блокада во Конгресот меѓу републиканците на претседателот Доналд Трамп и опозициските демократи чека решение.

Затворањето на владата се случи откако Сенатот, горниот дом на американскиот Конгрес, не успеа да го усвои законот за финансирање, објавува Би-би-си. Ова е првото затворање на владата од 2018-2019 година и може да доведе до привремено затворање на некои владини оддели, но не на сите.

Американскиот претседател Трамп се заканува со масовни отпуштања на федералните работници погодени од блокадата.

Таканаречените неопходни работници ќе продолжат да работат како и обично, некои без плата, но други владини службеници сега се на неплатен одмор.

Ситуацијата, која последен пат се случи пред седум години, е многу непопуларна во САД, при што двете страни веќе се обвинуваат меѓусебно дека се одговорни за неа.

Трамп вчера попладне изјави дека демократите сакаат да затворат сè, а не републиканците, а потоа малку заканувачки рече дека со ова би можеле да се ослободат од многу несакани работи и дека тоа би биле демократски работи.

Ова, според агенцијата Франс-прес, е алузија на намерата да се искористи замрзнувањето на некои федерални служби за да се спроведат отпуштањата на илјадници федерални службеници, што веќе почна да го прави Одделот за владина ефикасност (ДОЏ), предводен од неговиот поранешен сојузник Елон Маск.

Од друга страна, демократите ги обвинуваат републиканците дека немаат волја за преговори.

На Трамп оваа ситуација со „затворање“ не му е прва – последната беше за време на неговиот прв мандат кога парализата траеше од декември 2018 до јануари 2019 година, рекордни 35 дена.

По неуспешното гласање за буџетскиот закон синоќа, директорот на Канцеларијата за буџет на Белата куќа, Расел Вотел, им наложи на федералните администрации да спроведат план за организирано затворање.

Канцеларијата за буџет на Конгресот проценува дека околу 750.000 федерални вработени ќе бидат ставени во позиција на техничка невработеност.

Авионскиот сообраќај би можел да биде засегнат, а исплатата на одредени социјални бенефиции би можела да биде сериозно нарушена.

Според пресметките на осигурителната компанија „Нејшнвајд“, секоја недела парализа би можела да го намали годишниот економски раст на САД за 0,2 проценти.

Републиканците имаат мнозинство во двата дома на Конгресот, но според правилата во Сенатот, предлогот за буџетот мора да биде одобрен со 60 гласа од 100, за што според сегашниот состав на тој дом се потребни најмалку седум гласа на демократите.

Засега, републиканците предлагаат продолжување на тековниот буџет до крајот на ноември и нагласуваат дека нема друг предлог на маса. Од друга страна, демократите сакаат да постигнат враќање на стотици милијарди долари трошоци за здравствена заштита, особено за програмата за здравствена заштита Обамакер за домаќинствата што беше укината од администрацијата на Доналд Трамп.

Во март, кога владата веќе беше во опасност да биде блокирана, републиканците не сакаа да започнат дијалог за огромните намалувања на буџетот што ги одлучи администрацијата на Трамп. Десет демократски сенатори, вклучувајќи го и шефот на демократите во Сенатот, Чак Шумер, потоа неволно гласаа за републиканскиот текст на законот за да избегнат федерална парализа.

Нивната одлука предизвика големи превирања меѓу демократите, а многу активисти и поддржувачи ги обвинија дека му се покориле на Доналд Трамп и на неговата програма, која се сметаше за радикална.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ