Поточно, стравувањата за Гренланд повторно се разгореа, откако членовите на движењето МАГА (Америка повторно голема) на Трамп отворено почнаа да се осврнуваат на можноста за американско преземање на таа територија.
Дополнителни тензии предизвика објавата на Кејти Милер, десничарска активистка и сопруга на Стивен Милер, моќниот заменик-шеф на кабинетот на Трамп за политика. Доцна синоќа на социјалната мрежа Икс таа сподели мапа на Гренланд со американско знаме поставено над неа, заедно со краток коментар: „НАСКОРО“ („SOON“).
SOON pic.twitter.com/XU6VmZxph3
— Katie Miller (@KatieMiller) January 3, 2026
Објавата следеше само неколку часа по американската воена агресија на Венецуела и киднапирањето на Мадуро, и во Данска беше сфатена како провокација и закана за анексија.
Данскиот амбасадор во САД Јеспер Молер Серенсен реагираше на објавата со споделување наведувајќи „пријателски потсетник“ за долгогодишните одбранбени врски меѓу двете земји.
„САД и Данска се блиски сојузници и треба да продолжат да соработуваат. Безбедноста на САД е и безбедност на Гренланд и Данска. Гренланд е веќе дел од НАТО“, порача Серенсен, додавајќи дека двете земји веќе тесно соработуваат на Арктикот.
Тој исто така нагласи дека во 2025 година Данска ги зголемила средствата за одбрана на 13,7 милијарди долари, токму за безбедноста на Арктикот и Северниот Атлантик.
„И да, очекуваме целосно почитување на територијалниот интегритет на Кралството Данска“, додаде тој.
Just a friendly reminder about the US and the Kingdom of Denmark: We are close allies and should continue to work together as such. US security is also Greenland’s and Denmark’s security. Greenland is already part of NATO. The Kingdom of Denmark and the United States work… https://t.co/CboKnlKgJL
— Jesper Møller Sørensen 🇩🇰 (@DKambUSA) January 4, 2026
Гренланд е автономна територија во рамките на Кралството Данска, членка на Европската Унија, со сопствена влада. Островот е стратегиски исклучително важен поради локацијата, но и поради потенцијалното минерално богатство.
Трамп постојано јавно изјавува дека САД „мора да го имаат Гренланд“, и не исклучува употребата на воена сила. Минатата година тој го назначи гувернерот на Луизијана Џеф Ландри за специјален пратеник за Гренланд. Потоа Ландри му се заблагодари на Трамп за назначувањето, наведувајќи дека е „почестен што служи за да го направи Гренланд дел од Соединетите Американски Држави“.
Во саботата Ландри јавно го поддржа насилното соборување на Мадуро, велејќи дека Трамп „конечно презема вистински чекори во војната против дрогата“.
Потпретседателот на САД Џеј Ди Венс, ја посети американската воена база Питуфик во Гренланд минатата година и ја обвини Данска дека не работи „доволно добро“ кога станува збор за безбедноста на таа територија.
Данската премиерка Мете Фредериксен и премиерот на Гренланд Јенс-Фредерик Нилсен претходно заеднички изјавија дека границите и суверенитетот на државите се засноваат на меѓународното право.
„Веќе го кажавме јасно, а сега го повторуваме: не можете да анектирате друга земја. Дури ни со аргументот за меѓународна безбедност“, порачаа тие.
Иако повеќето од околу 57.000 жители на Гренланд сакаат независност од Данска, анкетите покажуваат дека тие не сакаат да станат дел од САД. Од 2009 година Гренланд има право еднострано да прогласи независност.
Во мај американскиот претседател изјави за Ен-би-си дека не ја исклучува употребата на сила: „Не исклучувам ништо. Гренланд ни е многу, многу потребен“, кажа Трамп, додавајќи дека станува збор за „меѓународна безбедност“.
Поради сè почестите закани, данската воена разузнавачка служба минатиот месец за прв пат ги означи САД како безбедносен ризик, во она што се смета за драматична промена во трансатлантските односи.
Џенифер Кавана, директорка за воена анализа во аналитичката група Приоритети за одбрана, предупреди дека заканите на Трамп повеќе не можат лесно да се отфрлаат.
„Веќе не ми е јасно кој би можел да ги спречи САД да испратат неколку стотици или илјадници војници на Гренланд“, кажа таа.






