Се очекува во наредните денови и недели да следуваат дополнителни продажби на нафта, додал изворот, пренесе Си-ен-ен.
Во деновите откако Соединетите Држави во почетокот на месецов извршија напад врз Венецуела и го заробија нејзиниот претседател Николас Мадуро, претседателот Доналд Трамп јасно стави до знаење дека планира да ги искористи огромните нафтени резерви на таа земја.
Трамп во петокот изјави дека нафтената индустрија ќе вложи најмалку 100 милијарди долари во обновата на тешко оштетениот енергетски сектор на Венецуела – иако не е јасно врз основа на што ја изнел таа проценка, наведува Си-ен-ен.
Плановите на администрацијата да профитира од венецуелската нафта, меѓутоа, наидоа на скепса кај раководствата на американските енергетски компании за време на состанок во Белата куќа.
„Тоа е неисплатливо“, рекол извршниот директор на Ексон мобил, Дарен Вудс, обраќајќи им се на претставниците, зборувајќи за пречките за работење во Венецуела.
„Постојат низа правни и комерцијални рамки што би морало да се воспостават за воопшто да можеме да разбереме каков поврат на инвестицијата би бил можен.“
Неколку други директори исто така изразија резерви во врска со работењето во оваа политички и економски нестабилна латиноамериканска земја. По повеќечасовниот состанок во Белата куќа во петокот, Трамп и неговите најблиски соработници излегоа без какви било значајни обврски од компаниите за вложување милијарди долари во таа држава.
Деталите за првата продажба на нафта не беа јасни, но портпаролката на Белата куќа, Тејлор Роџерс, во соопштение наведе дека „тимот на претседателот Трамп ги олеснува позитивните и континуирани разговори со нафтените компании што се подготвени и заинтересирани да вложат невидени инвестиции во обновата на венецуелската нафтена инфраструктура“.
Во средата Ројтерс објави дека венецуелската сурова нафта им се нуди на трговците со попуст во однос на конкурентската нафта од други земји, како Канада.






