петок, 23 јануари 2026

САД официјално ја напуштија Светската здравствена организација

Соединетите Американски Држави официјално ја напуштија Светската здравствена организација (СЗО), по една година предупредувања дека ваквиот чекор би можел да му нанесе штета на јавното здравје во земјата и на глобално ниво. Вашингтон како причина ги наведе пропустите на здравствената агенција на Обединетите нации во управувањето со пандемијата на коронавирусот.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Претседателот Доналд Трамп уште првиот ден од својот претседателски мандат во 2025 година, со извршна наредба, ја извести СЗО дека САД ќе се повлечат од организацијата.

Според соопштение на американските министерства за здравство и за надворешни работи, САД во иднина ќе соработуваат со таа организација само во ограничен обем, со цел да се спроведе повлекувањето.

„Немаме планови да учествуваме ниту како набљудувачи, ниту планови повторно да ѝ се приклучиме“, изјави висок функционер од областа на јавното здравје.

САД соопштија дека планираат да соработуваат директно со други држави – наместо преку меѓународна организација – во областа на надзорот на болести и другите приоритети на јавното здравје, пренесува Ројтерс.

Според американскиот закон, земјата требало да достави едногодишна најава за повлекување и да ги исплати сите заостанати обврски – околу 260 милиони долари – пред напуштањето на организацијата.

Сепак, функционер на Стејт департментот го оспори тврдењето дека законот содржи одредба според која сите долгови мора да бидат намирени пред повлекувањето.

„Американскиот народ веќе платил и повеќе од доволно“, наведе портпарол на Стејт департментот во електронска порака претходно во четвртокот, пишува Ројтерс.

Министерството за здравство и социјални услуги соопшти во документ објавен во четвртокот дека владата ги запрела своите финансиски придонеси кон СЗО. Трамп, според портпаролот на министерството, ги искористил своите овластувања за да го паузира секој иден трансфер на какви било ресурси од американската влада кон СЗО, бидејќи таа организација, како што е наведено, ги чинела САД илјадници милијарди долари.

Според сведоци, американското знаме во четвртокот било отстрането пред седиштето на СЗО во Женева.

Во последните недели САД презедоа чекори кон напуштање и на низа други организации на Обединетите нации, а дел од јавноста стравува дека неодамна покренатиот Трампов „Одбор за мир“ би можел комплетно да ги поткопа ОН.

Некои критичари на СЗО предложија и формирање нова агенција што би ја заменила постојната, иако документ со предлози, што администрацијата на Трамп го разгледувала минатата година, сугерирал дека САД треба да се залагаат за реформи и посилно американско лидерство внатре во СЗО.

Во текот на изминатата година, многу експерти за глобалното здравје повикуваа на преиспитување на оваа одлука, меѓу нив и генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.

СЗО, исто така, соопшти дека САД сè уште не ги уплатиле членарините што ги должат за 2024 и 2025 година. Заминувањето на САД и начинот на кој ќе биде спроведено ќе бидат тема на расправа на извршниот одбор на СЗО во февруари, изјави портпарол на организацијата.

„Ова е јасно кршење на американскиот закон“, изјави Лоренс Гостин, основач и директор на Институтот О’Нил за глобално здравствено право при Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон, долгогодишен набљудувач на работата на СЗО. „Но Трамп, по сè изгледа, ќе се извлече.“

Бил Гејтс, претседавач на Фондацијата Гејтс, еден од најголемите финансиери на глобалните здравствени иницијативи и дел од активностите на СЗО, изјави за Ројтерс во Давос дека не очекува САД во краток рок да ја променат одлуката.

Гејтс додаде дека и понатаму ќе се залага за враќање на Вашингтон во организацијата. „На светот му е потребна Светската здравствена организација“, рече тој.

Што значи ова повлекување

Повлекувањето на САД предизвика финансиска криза поради која СЗО го преполови својот менаџерски тим и го намали обемот на работа, со кратења на буџетот низ целата агенција. Вашингтон традиционално беше убедливо најголемиот финансиски поддржувач на оваа здравствена агенција на ОН, со учество од околу 18 отсто од вкупниот буџет. СЗО до средината на оваа година ќе отпушти околу една четвртина од вработените.

Агенцијата соопшти дека во текот на изминатата година соработувала со Вашингтон и разменувала информации, но не е јасно како таа соработка ќе изгледа во иднина.

Експертите за глобално здравје предупредуваат дека ваквата ситуација носи ризици за САД, за СЗО и за целиот свет.

„Повлекувањето на Соединетите Американски Држави од СЗО би можело да ги ослаби системите и соработките на кои светот се потпира за откривање, спречување и одговор на здравствени закани“, изјави Кели Хенинг, раководителка на програмата за јавно здравје во американската непрофитна организација Блумберг филантропис.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ