петок, 25 јули 2025

САД: Одлуката на Иран да ја суспендира соработката со ИАЕА е неприфатлива, ОН: Загрижувачко

САД ја нарекоа „неприфатлива“ одлуката на Иран да ја суспендира соработката со Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА).

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Техеран ја донесе одлуката по неодамнешната војна со Израел.

„Ќе го употребиме зборот ‘неприфатливо’ за одлуката на Иран да ја суспендира соработката со ИАЕА во време кога има можност да го промени курсот и да избере пат на мир и просперитет“, изјави портпаролката на Стејт департментот, Тами Брус, за новинарите.

„Иран мора да соработува со ИАЕА“, додаде таа.

Суспендирањето на соработката на Иран со Меѓународната агенција за атомска енергија (ИАЕА) „очигледно е загрижувачко“, изјави портпаролот на ОН, Стефан Дижарик.

„Ја видовме официјалната одлука, која очигледно е загрижувачка. Генералниот секретар (Антонио Гутереш) беше доследен во својот повик до Иран да соработува со ИАЕА“, изјави тој за новинарите.

Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан даде конечно одобрение за Законот за суспендирање на соработката со ИАЕА, објави вчера иранската државна телевизија, додавајќи дека го потпишал законот и дека Врховниот совет за национална безбедност на Иран треба, по неговото усвојување, да го надгледува неговото спроведување.

Нуклеарниот договор на Иран од 2015 година со светските сили, склопен за време на мандатот на американскиот претседател Барак Обама, му дозволи на Техеран да збогатува ураниум доволно за производство на гориво за нуклеарните централи, но далеку под прагот потребен за производство на оружје.

Договорот драстично ги намали резервите на ураниум на Иран, а ИАЕА го следеше и го контролираше Техеран. Американскиот претседател Доналд Трамп, за време на својот прв мандат, го повлече Вашингтон од договорот во 2018 година, тврдејќи дека не е доволно строг, што ги зголеми тензиите околу ова прашање.

Тензиите дополнително се зголемија по неодамнешната 12-дневна војна меѓу Израел и Иран и бомбардирањето на три нуклеарни објекти во Иран од страна на САД на 22 јуни.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ