Обвинувања за цензура
Државниот секретар Марко Рубио ја обвини групата дека води кампања за цензура против Американците. На четирите лица, заедно со поранешниот висок функционер на Европската комисија, Французинот Тјери Бретон, им беше забранет влез во САД откако Рубио ги нарече „радикални активисти“ кои ја поткопуваат слободата на говорот.
Рубио ги обвини петмината дека водат „напори за принудување на американските платформи да ги казнуваат ставовите на кои се спротивставуваат“. Администрацијата на Трамп сигнализираше дека санкциите би можеле да бидат проследени со понатамошни дејствија кои би можеле да бидат насочени кон политичари или службеници.
На списокот на санкционирани се Џозефин Балон и Ана-Лена фон Ходенберг, кои ја водат германската организација Хејтеид за правна помош на жртвите на онлајн насилство. Исто така, тука се и Клер Мелфорд, раководителка на Групата за идентификација на дезинформации во Велика Британија, и Имран Ахмед, британски активист чија организација ја следеше содржината против вакцинација на социјалните медиуми.
Остра реакција од Европа
Европските претставници, вклучувајќи го и францускиот претседател Емануел Макрон, ја осудија одлуката на американската администрација. „Овие мерки претставуваат заплашување и принуда насочени кон поткопување на европскиот дигитален суверенитет“, кажа Макрон преку социјалните медиуми. „Правилата кои го регулираат дигиталниот простор на Европската Унија не треба да се утврдуваат надвор од Европа“.
Портпаролот на Европската комисија, Томас Рење, кажа: „Нашите дигитални правила обезбедуваат безбеден, фер и еднаков пазар за сите бизниси, применети фер и без дискриминација“.
Конфликт околу регулацијата на интернетот
Забраната за патување претставува значителна ескалација во спорот меѓу администрацијата на Трамп и Европа околу регулирањето на содржината на интернет. Во САД, заштитата на слободата на говор им овозможува на компаниите да поставуваат свои правила, а Трамп и другите политичари успешно извршија притисок врз платформите да го олабават модерирањето на содржините која ја сметаат за цензура на конзервативните гласови.
Од друга страна, постојат законски ограничувања за говорот на омраза во Велика Британија и Европската Унија. Во 2022 година, ЕУ го донесе Законот за дигитални услуги, закон што бара од технолошките компании да бидат транспарентни и да ја отстранат расистичката, антисемитската и насилната содржина која ги крши националните закони.
Администрацијата на Трамп го гледа тој закон како обид да ги принуди американските платформи на глобална цензура, што европските претставници го отфрлаат. Тензиите кулминираа овој месец кога Европската комисија ја казни социјалната мрежа Икс на Илон Маск со 140 милиони долари за кршење на Законот за дигитални услуги. Како одговор, Маск изјави дека Европската Унија треба да се укине.
Засегнати лица и организации
Тјери Бретон е еден од креаторите на Законот за дигитални услуги од времето кога беше европски комесар за дигитална политика. Другите лица управуваат со непрофитни организации кои администрацијата на Трамп ги обвинува дека ги таргетираат американските компании и потрошувачи.
Жозефин Балон, ко-извршен директор на германската организација Хејтеид, изјави дека добила е-пошта за одземањето на визата, а причината ја дознала дури неколку часа подоцна од медиумите. Нејзината организација, основана во 2018 година, обезбедува советување и финансира судски постапки за жртвите на онлајн напади.
Германските претставници застанаа во одбрана на организацијата. „Забраните за влез воведени од САД, вклучително и оние против претседателот на Хејтеид, не се прифатливи“, кажа германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул.
Балон и фон Ходенберг во заедничка изјава изјавија: „Нема да не заплаши влада која користи обвинувања за цензура за да ги замолчи оние кои се залагаат за човекови права и слобода на изразување“.
Клер Мелфорд го води Глобалниот индекс на дезинформации, група која им помага на огласувачите да ги избегнуваат страниците кои шират лажни вести. Нејзината организација ја нарече забраната „авторитарен напад врз слободата на говорот и флагрантен чин на владина цензура“.
Имран Ахмед го раководи Центарот за борба против дигиталната омраза, кој работи во Велика Британија и САД. Неговата организација беше тужена од Елон Маск во 2023 година откако го документираа порастот на говорот на омраза на Икс, но тужбата беше отфрлена од американски суд. Ахмед не можеше да се контактира за коментар.
Бурни реакции од Европа
Портпаролот на британската влада одговори велејќи дека „Обединетото Кралство е целосно посветено на почитување на правото на слобода на говор“. „Иако секоја земја има право да ги постави своите визни правила, ние ги поддржуваме законите и институциите кои работат на тоа интернетот да биде ослободен од најштетната содржина“. „Платформите на социјалните медиуми не треба да се користат за ширење содржини за сексуална злоупотреба на деца, поттикнување на омраза и насилство или за ширење лажни информации и видеа за таа цел“.
Џонатан Хол, независен британски рецензент на законодавството за тероризам, оцени дека воведувањето санкции од страна на САД е „значаен потег“. Тој независен функционер изјави за радио Тајмс дека „санкциите генерално се резервирани за навистина сериозни прашања од надворешната политика каде што земјата чувствува дека нејзините сопствени интереси се сериозно загрозени или каде што постои перцепција дека светскиот поредок е загрозен“.
Претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта кажа дека таквата одлука на Вашингтон е „неприфатлива меѓу сојузниците, партнерите и пријателите“. „ЕУ цврсто стои во одбраната на слободата на изразување, фер дигиталните правила и нејзиниот регулаторен суверенитет“, порача тој на Икс.






