понеделник, 19 мај 2025

САД и Кина почнуваат официјални преговори за царините

Американски и кинески функционери оваа недела ќе ги почнат преговорите во обид да се смири трговската војна меѓу двете најголеми светски економии.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што потврди кинеското министерство за надворешни работи, кинескиот вицепремиер Хе Лифенг ќе учествува на разговорите кои ќе се одржат во Швајцарија од 9 до 12 мај. Во име на Соединетите Американски Држави преговорите ќе ги води министерот за финансии Скот Бесент и американскиот трговски претставник Џејмисон Гриер, соопштија нивните кабинети.

Од враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, неговата администрација воведе нови царини на кинеската стока, со зголемувања до дури 145 отсто. Кина одговори со контрамерки, со воведување царини до 125 отсто на одредени американски производи.

Аналитичари за меѓународна трговија за Би-би-си велат дека очекуваат преговорите да траат со месеци. Ова е прва средба на високо ниво на претставници на двете земји откако кинескиот потпретседател Хан Женг во јануари присуствуваше на инаугурацијата на Трамп.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент кажа дека се радува на обидот за врамнотежување на меѓународниот економски систем во корист на САД. „Мислам дека ова ќе биде фокусирано на смирување на тензиите, не на постигнување голем трговски договор. Но, прво мораме да деескалираме за да можеме да одиме напред“, кажа тој.

Кинеското министерство за трговија истакна дека САД, ако сакаат со преговори да го решат спорот, мора да ги признаат сериозните негативни последици на едностраните царински мерки, не само за Кина туку и за остатокот од светот.

Кинеските државни медиуми јавуваат дека Пекинг одлучил да влезе во преговорите откако внимателно ги разгледал очекувањата на меѓународната заедница, интересите на Кина и апелите на американските претпријатија. Тие додаваат и дека Кина е отворена за разговор, но е спремна и да ја продолжи трговската војна „до крај“ ако е неопходно.

Трговската војна предизвика големи потреси на светските финансиски пазари и ја наруши глобалната трговија. Двајца експерти за трговија за Би-би-си велат дека не се особено оптимистични околу брз напредок во преговорите.

„Некаде мора да се почне, не велам дека тоа не е корисно. Само се сомневам дека ова ќе биде оној голем момент кој сите го очекуваат“, вели Дебора Елмс, шефица на трговската политика во Фондацијата Хинрих.

„можеме да очекуваме многу преговарање, токму како што имаше во 2018“, вели Хенри Гао, професор по право на Универзитетот за менаџмент во Сингапур и поранешен правник во Светската трговска организација. Тој додава дека преговорите може да се развлечат со месеци, па и повеќе од една година.

Финансиските пазари во континентална Кина и Хонг Конг забележаа раст денес, поттикнати од најавата на преговорите и мерките на кинеските власти за поддршка на економијата. И американските берзански индекси во терминското тргување забележаа раст, што укажува на позитивен почеток на трговскиот ден.

Инвеститорите со нетрпение ја очекуваат и новата одлука на американската централна банка за каматните стапки, која би требало да биде објавена подоцна денес.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ