Сè треба да биде потврдено од Трамп и Си
Двете страни изјавија дека ќе го однесат планот до своите претседатели, Доналд Трамп и Си Џинпинг, за нивно одобрување. Соопштението дојде по дводневните преговори во Лондон меѓу лидерите од Пекинг и Вашингтон. Кинескиот извоз на ретки минерали, клучни за модерната технологија, беше една од главните теми на состаноците. Вашингтон и Пекинг се согласија на привремено примирје минатиот месец за трговските тарифи, но двете земји оттогаш се обвинуваат меѓусебно за кршење на тој договор.
САД кажаа дека Кина е бавна кога станува збор за извоз на ретки минерали и магнети, неопходни за производство на уреди како што се паметни телефони или електрични возила. Во меѓувреме, Вашингтон го ограничи пристапот на Кина до американски стоки како полупроводници и други технологии поврзани со вештачката интелигенција. „Постигнавме рамка за спроведување на консензусот од Женева“, им рече Латник на новинарите. „Откако претседателот ќе го одобри, тогаш ќе се обидеме да го спроведеме“, додаде тој.
Новата рунда преговори дојде по телефонскиот разговор меѓу Трамп и Си минатата недела, кој американскиот претседател го опиша како „многу добар разговор“. „Двете страни во принцип постигнаа рамка за спроведување на консензусот постигнат од двајцата шефови на држави во телефонскиот разговор на 5 јуни и консензусот постигнат на состанокот во Женева“, кажа кинескиот заменик министер за трговија Ли Ченганг.
Меѓусебни обвинувања за прекршување на договорот
Кога Трамп ги најави царините за увоз од голем број земји претходно оваа година, Кина беше најтешко погодена. Пекинг одговори со повисоки царини за американскиот увоз, што доведе до реципрочно зголемување на царините што достигнаа врв од 145 отсто.
Преговорите во мај во Швајцарија доведоа до привремено примирје кое Трамп го нарече „тотално ресетирање“.
Американските царини на кинески производи беа намалени на 30 отсто, а Пекинг ги намали царините за увоз од САД на 10 отсто и вети дека ќе ги укине ограничувањата за извоз на клучните минерали. На двете страни им беа дадени 90 дена да се обидат да постигнат трговски договор. Но, САД и Кина оттогаш се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот.
Трговскиот претставник на САД, Џејмисон Грир, изјави дека Кина не ги намалила ограничувањата за извоз на магнети од ретки земјени елементи. Пекинг изјави дека прекршувањата на договорот од страна на САД вклучуваат прекин на продажбата на софтвер за дизајн на компјутерски чипови на кинески компании, предупредување против користење чипови произведени од кинескиот технолошки гигант Хуавеј и одземање на визите за кинеските студенти.
Пред разговорите оваа недела, кинеското министерство за трговија во саботата соопшти дека одобрило некои апликации за лиценци за извоз на ретки минерали, но не даде детали за тоа кои земји се вклучени. Трамп во петокот изјави дека Си се согласил да ја рестартира трговијата со ретки минерали.