„Одлучивме да го донесеме дома нашиот тим од Доха на консултации, по последниот одговор на Хамас, кој јасно покажува дека нема волја да постигне прекин на огнот во Газа“, напиша Виткоф на платформата Икс.
„Сега разгледуваме алтернативни опции за враќање на заложниците дома“, додаде тој.
Откако неговиот кабинет објави повлекување на преговарачите, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави вечерва дека Хамас не треба да ја толкува подготвеноста на Израел да преговара за прекин на огнот како „слабост“.
„Работиме на постигнување нов договор за ослободување на нашите заложници. Но ако Хамас ја гледа нашата намера да го сториме тоа како слабост и можност да ни наметне услови за предавање што би ја загрозиле државата Израел, сериозно греши“, рече тој од Ерусалим.
Хамас денес објави дека одговорил на предлогот со кој се бара ограничен 60-дневен прекин на огнот во Газа.
Одговорот на Хамас вклучува олеснување на влезот на хуманитарна помош во Газа, мапи на областите од кои треба да се повлече израелската армија и гаранции за траен прекин на непријателствата, изјави палестински извор за АФП.
Израел потврди дека го добил одговорот на Хамас, а набргу потоа објави дека ги повикал своите преговарачи од Доха за да се консултираат за одговорот на Хамас.






