Доколку не се постигне договор до крајот на август, ќе се активира „повратен механизам“, што значи автоматско враќање на сите санкции на Советот за безбедност на ОН што беа укинати во рамки на иранскиот нуклеарен договор од 2015 година.
Американските и европските претставници го гледаат механизмот како средство за притисок врз Техеран во случај дипломатските напори да не успеат. Од друга страна, Иранците тврдат дека нема законска основа за повторно воведување санкции и се закануваат дека ќе се повлечат од Договорот за неширење на нуклеарно оружје како одговор.
Иран ќе одговори на секое повторно воведување санкции поради својата нуклеарна програма, изјави портпарол на Министерството за надворешни работи во понеделникот, без да прецизира какви мерки би можел да преземе Техеран.
Француски дипломатски извор минатата недела изјави за Ројтерс дека европските земји ќе мора да ги обноват санкциите на ОН против Иран како дел од таканаречениот „повратен механизам“, доколку не се постигне нуклеарен договор што би ги гарантирал европските интереси во сферата на безбедноста.
Споменатиот механизам се однесува на резолуцијата на Советот за безбедност на ОН 2231, која е дел од нуклеарниот договор од 2015 година, и вклучува автоматско враќање на санкциите од претходните резолуции за Иран во случај на „значајно отстапување“ од преземените обврски на исламскиот режим во Техеран.






